Во Италија, земја што е тешко погодена од коронавирусот, најновото професионално истражување покажало дека повеќето анкетирани, поточно 52 отсто, не се подготвени по вонредната состојба да се вратат на вообичаените активности
Стравовите присутни кај одреден број луѓе нема да исчезнат во оној момент кога ќе заврши пандемијата на коронавирусот и кога ќе бидат укинати рестриктивните мерки. Кај тие луѓе, и кога ќе излезат од изолација, ќе остане стравот и ќе продолжат да избегнуваат допири и физички контакт.
Во Италија, земја што е тешко погодена од коронавирусот, најновото професионално истражување покажало дека повеќето анкетирани, поточно 52 отсто, не се подготвени по вонредната состојба да се вратат на вообичаените активности.
Два месеца по укинувањето на вонредните мерки, 41 отсто би можеле да се вратат во нормалниот живот, девет отсто би почекале да помине половина година, а два отсто би се вратиле кон „нормалниот“ живот по една година.
Дури и по престанокот на пандемијата, 43 отсто од испитаниците изјавиле дека ќе избегнуваат концерти, а 47 отсто дека нема да одат во клубови.
Некои од психолозите и социолозите сметаат дека по завршувањето на пандемијата, ќе останат сериозни последици врз менталното здравје на луѓето.
– Клучно е како ќе заврши оваа пандемија. Доколку се најде вакцина што подоцна ќе овозможи новите случаи да минуваат со лесна слика, доста од работите ќе се вратат на старо. Луѓето повторно ќе одат на концерти, повторно ќе патуваат – вели Мирјана Стојановска-Јовановска, психолог.
Таа додава дека оваа сегашна затвореност подоцна ќе има големи последици.
– Некои луѓе по пандемијата ќе станат финансиски слаби, па некои психолошки проблеми што претходно ги имале, може да се зголемат. Многу луѓе ќе станат сиромашни, а тоа ќе донесе проблеми. Стапката на криминал ќе се зголеми, но што се случува и во семејствата каде што има семејно насилство? Кај тие луѓе ќе се покачи тој внатрешен притисок и ќе станат уште понасилни – нагласува Јовановска.
Според неа, последици ќе има, но луѓето ќе мора да наоѓаат начини да ги надминуваат.
– Менталното здравје е многу важна работа. Да си помагаме себеси, на своите деца, на постарите од околината, а потоа, доколку не успеваме да се справиме, да побараме стручна помош – апелира Јовановска.
За Јасмина Јонуз, психолог во Поликлиниката на МВР во Скопје, пандемијата е период што е нов за секого од нас, па зголемена загриженост, негативни емоции и дисфункционални однесувања се сосема очекувани.
– Секој од нас се обидува да се справи со овие емоции на автентичен начин, преку однесувања што може да бидат корисни, но често и дисфункционални. Во тоа чувство на губење контрола, загрозени базични потреби, како безбедност, припадност, сигурност, многу лесно една личност може да манифестира одбегнувачко однесување, апатија, намалена мотивација или, пак, наткомпензација, како и постојано оптоварување со обврски. Чести се паничните напади и анксиозноста поврзана со здравјето – вели Јонуз.
Според неа, првиот чекор во справување со негативните емоции што ни ги носи оваа криза е свесноста кога нашата загриженост е потребна, а кога прекумерна и ни носи само анксиозност.
– Потребно е фокусирање кон нашите силни страни и активности што се во наша контрола, зајакнување на „здравиот возрасен“ и „среќното дете“ во нас. Пандемијата ќе донесе многу нови смисли, значења и навики. За жал, за некои од луѓето ќе донесе и загуби, намалена мотивација, зајакната анксиозност. Сето тоа е во ред и „нормално“, но потребни се свесност и мотивирање за барање психолошка помош, за адаптација и справување со сите овие промени – порачува Јонуз.
Директорот на Универзитетската клиника за психијатрија, Стојан Бајрактаров, смета дека по пандемијата работите ќе се вратат во нормала, но дека за тоа е потребно време.
– Сигурно ќе се сменат некои навики, но со текот на времето работите ќе си дојдат како и пред пандемијата – нагласува Бајрактаров.
Некои од социолозите сметаат дека по пандемијата работите нема да бидат исти и дека пандемијата покажа дека никој не е поштеден.
– По ова, ништо нема да биде исто. Глобализацијата пред коронавирусот и по корнавирусот нема да биде иста. Ако претходно таа во позитивна смисла го направи светот поотворен, сега се случи некаков негативен удар врз сето тоа. Луѓето се целосно исплашени како поединци – вели Илија Ацевски, социолог.
Според него, медиумите треба да најдат начин дел од оваа траума да го направат поподнослив за луѓето.