ЕВРОПОЛ ПРЕДУПРЕДУВА

Пандемијата на коронавирусот разбирливо ги принуди граѓаните повеќе од вообичаено да го минуваат времето пред компјутер и на интернет, но во овој период истовремено и се зголемија безбедносните ризици од можни злоупотреби на сајбер-просторот.
За една таква опасност, која има зголемувачки тренд, неодамна предупреди и Европол во својот последен извештај, каде што информира дека поради пандемијата на коронавирусот, зголемени се криминалните активности и активностите на педофилите.
Меѓународната полициска организација во својот документ пишува дека кризата во период на коронавирусот „им ги отвори вратите и на педофилите“, поради тоа што децата сега се повеќе време дома и се чувствуваат осамени.

– Бројот на предатори што демнат над децата на социјалните мрежи и форуми се зголеми значително, бидејќи децата во оваа ситуација се повеќе ранливи од вообичаено. Педофилите ја користат оваа ситуација за да стапат во контакт со нив и да воспостават однос на доверба за да ги убедат да преземат различни активности, од испраќање голи фотографии до создавање односи за идниот период – се наведува во извештајот.
Во меѓувреме, од македонска перспектива на случувањата, познавачи на состојбите со кои се консултиравме велат дека интернетот е голема индустрија и средство со чија помош токму преку децата се заработуваат огромни пари, а наедно и нашите најмали во овој период можат да станат жртви на педофили.

Според нив, еден од вознемирувачките феномени на денешницата, кога мораме да работиме и практично да живееме преку интернет додека трае карантинот во светот, е педофилијата во чие сузбивање сега треба еднакво да дејствуваат и институциите во Македонија, но и самите родители.
Безбедносниот аналитичар Милан Стефаноски оценува дека ризиците врз децата во овие моменти се големи, а сето тоа е поврзано со секаквите содржини што тие можат да ги најдат на интернет.

Според него, родителите треба да бидат компјутерски писмени и со превентивно дејствување да ги ограничат можностите на децата од домот да дејствуваат на интернет.
– Дополнително, доколку забележат нешто сомнително во дејствувањето на детето на компјутерот веднаш треба да ги алармираат надлежните – вели Стефаноски.
Аналитичарот потсетува дека Македонија со големо внимание се справува со проблемот со педофилите, а нашите институции бијат голема битка за анулирање на оваа општествено штетна појава кај нас.

Тој потсетува дека во земјава постои и интернет-регистар на педофили каде што можат да се дознаат евентуалните престапници.
Стефаноски потсетува дека во Кривичниот законик на Македонија овие дела се сериозно казниви и дека Одделението на МВР за компјутерски криминал сосема солидно дејствува и ги исполнува своите задачи, а со тоа и го минимизира ризикот од педофили кон децата.

Пецо Трајкоски од Центарот за стратегиски истражувања и анализи вели дека во овие моменти, кога сите се справуваме со живот во карантин, сосема е логично да се очекува дека ќе се зголемат опасностите за сите, па и за децата на интернет.
Безбедносниот експерт информира дека секој од нас во овој момент треба сериозно да ги сфати препораките од Европол и во согласност со нив повеќе да се ангажира за да го заштити семејството од компјутерски напаѓачи.

– Овие состојби се загрижувачки, но како граѓани и родители треба сега да бидеме во постојан контакт со нашите деца и овој период да ги советуваме да внимаваат со кого контактираат онлајн и со кого се разменуваат преписки на социјалните мрежи. Доколку се случи нешто сомнително веднаш да се информира МВР – резимира тој.
Трајкоски вели дека, освен педофилијата во моментов, поради разбирливи причини, во пораст се и класичните измами и интернет-криминалот, па дури и дејствувањето на терористите во виртуелниот свет.


Децата лесно можат да станат плен на предатори

Во меѓувреме од првата детска амбасада во светот „Меѓаши“ се согласни дека пандемија на коронавирусот предизвикува зголемен ризик од злоупотреба на децата преку интернет.
– Предаторите може да го искористат зголеменото време и невнимание на децата, кои поминуваат повеќе време на интернет. Децата дома во оваа вонредна состојба и криза на пандемија на ковид-19, поради самоизолацијата, поради затворањето на училиштата, честопати поминуваат повеќе време на интернет отколку претходно. Предаторите што ги следат сите онлајн-активности на децата, како што се поставување нивни фотографии и видеа на интернет, ги пребаруваат и ги собираат еднаш закачените материјали на социјалните мрежи.

Децата лесно можат да станат плен на сајбер-насилниците и педофилите, кои особено ги преплавуваат Инстаграм и Фејсбук. Ако детето ги користи сајтовите за социјални мрежи, родителите треба да се осигурат дека ги разбираат карактеристиките за приватност – како да го уредат профилот да биде приватен и да го ограничат пристапот до информации. Често се случува малолетни лица да поседуваат свој профил каде што објавуваат фотографии, но и се впуштаат во споделување на свои фотографии и видеа со непознати лица, кои лажно се претставуваат, и од кои можат да бидат злоупотребени, а со тоа децата стануваат лесна цел на педофилите. Родителите поради недостиг од информации, но и време да им се посветат на децата и нивните слободни активности, често не се свесни за опасностите што ги демнат децата – објаснува претседателот на „Меѓаши“ Драги Змијанац.

[email protected]