Постигнувањето и одржувањето на колективниот имунитет не означува крај на борбата со ковид-19. Експертите велат дека колективниот имунитет брзо може и да се изгуби. Постојат многу фактори што влијаат врз добивањето и одржувањето на колективниот имунитет, пишува „Си-ен-ен“.
Проценките за тоа колкав дел од населението треба да поседува имунитет за да се постигне таа цел варираат. Некои експерти сметаат дека 70-85 отсто од луѓето треба да се имунизирани, додека други проценуваат дека бројката треба да изнесува 85-90 отсто.
Првата пречка во колективниот имунитет се младите лица под 18 години, бидејќи за нив сè уште не е одобрена вакцина, а тоа е голема пречка, бидејќи тие сè уште можат да се заразат и да го пренесуваат вирусот.
Антиваксерите и луѓето кои одбиваат да се вакцинираат исто така ќе го саботираат постигнувањето на колективниот имунитет. Голем број луѓе се подготвени воопшто да не се вакцинираат. Доколку тоа продолжи, вирусот ќе има широка можност да се прошири, да мутира и да го наруши колективниот имунитет.
Друга пречка во постигањето колективен имунитет се годишните времиња, заедно со човечкиот фактор. Во текот на зимата, луѓето поминуваат подолго време заедно поради студот и празницитре, а во текот на летото тие почесто излегуваат. Во текот на летото бројот на заразени исто така видно опаѓа, што би дошло до причина за „прослава“ на победата врз вирусот. Тоа е голема грешка во борбата за стекнување колективен имунитет.
Новите варијанти на ковид-19 можат да го уништат колективниот имунитет. Со појавата на нови видови може да дојде до ново инфицирање на цели градови, бидејќи имунитетот од некои вакцини не е доволен за борбата против новите соеви на вирусот. Најважно е да се прекине циркулирањето на вирусот, така што тој ќе има помали шанси да мутира во иднина. Затоа, вакцинирањето и носењето маски се толку важни.
– Новите варијанти во комбинација со патувањето во други земји би биле особено опасни доколку некоја мутација ја загрози ефикасноста на вакцините или повторно ги инфицира оние кои ги изгубиле антителата. Затоа колективен имунитет нема да се постигне сè додека не се дојде до глобален имунитет – се тврди во анализата на „Си-ен-ен“.
Имунитетот може да помине сам по себе. Експерите сè уште не знаат колку точно трае имунитетот стекнат по прележување на вирусот. Некои ги губат антителата по само еден месец, додека кај други тие опстојуваат подолго.
Едноставни чекори можат да ги намалат шансите за губење на колективниот имунитет во иднина. Сè што го намалува преносот на вирусот ќе помогне да се намали шансата за негово мутирање и појавата на нови варијанти. Затоа, вакцинирањето и носењето маски е од клучна важност и толку потребно.