Граѓаните тешко ги менуваат своите навики, особено кај нас. Но пандемијата, рестриктивните мерки и протоколите си го прават своето. Во развиените земји пофлексибилно се приспособуваат на промените. Поради коронавирусот, потрошувачките навики низ светот се променија значително, а драстично и кај нас. Но дали се очекува по новонаметнатите навики, граѓаните да се вратат на стариот начин на однесување? И кои однесувања и работни места претставуваат најголема закана по здравјето на граѓаните?
Студија на Институтот за технологија во Масачусетс, САД
Во една неодамнешна студија, која е спроведена од истражувачи од престижниот Институт за технологија во Масачусетс, беше анализирано кои работни места претставуваат најголема закана по здравјето на граѓаните. Оценувани беа 30 различни типови компании, каде што се споредуваше нивната неопходност за повторно отворање и важноста за здравјето на луѓето.
– Идејата е добро да се подготвиме, така што ризикот од пренесување на вирусот да биде што е можно помал, и со тоа би обезбедиле продолжување на работата на подолг временски рок – истакна еден од истражувачите.
Интересно е што за време на ова истражување тие се потпреа на претходните анализи, кои беа спроведени од јануари минатата година до март годинава. Користејќи анонимни податоци за локациите, беа контролирани 50 милиони мобилни телефони за да се лоцираат местата каде што потрошувачите го минуваат најголемиот дел од времето и каде што се најголемите турканици.
Во овој момент, тоа послужи како одличен водич како да се спроведат овие мерки за заштита од ширење на коронавирус во иднина. Со едноставна пресметка, направен е пресек на важноста на компаниите за економијата со ризик по здравјето на граѓаните, направена е ранг-листа на компании и редослед по кој би било пожелно да се отворат.
Банките, стоматолошките ординации, автомеханичарските работилници и факултетите се покажаа како важни, а во исто време претставуваат и мал ризик од ширење на вирусот. Причината, се наведува, е дека станува збор за објекти што обично се наоѓаат на големи површини и имаат услови за безбедно растојание меѓу потрошувачите. На дното од скалилото, како што и се очекуваше, се рестораните, фитнес-центрите, продавниците за пијалаци и тутун, како и кафулињата. Тоа се познати места по нивниот голем метеж, но индикативен е ставот на истражувачите и нивните заклучоци дека „економските придобивки од нивното отворање и не се толку големи за ризикот да биде прифатлив“, тврдат истражувачите.
– Опасноста е кумулативна, на пример кината изгледаат небезбедни, но луѓето не одат таму секој ден, додека тоа и не е случај со рестораните – се наведува во ова истражување.
Бидејќи сѐ повеќе и повеќе бизниси се отвораат низ целата земја, на многу компании веќе им се советува како да ги отворат и какви мерки да преземат. Во секој случај, не постојат едноставни решенија или отворање на сите сектори одеднаш.
Истражувањето би требало да им помогне на здравствените власти, но и на владите да направат точна процена на заканата од вирусот, ризичните сектори на стопанството и работните места, за да преземат соодветни мерки на заштита, но и помош за загрозените компании и вработените.