Наполнив 61 година претходната недела и сега спаѓам во категоријата на милиони постари лица кои се подложни на висок ризик на вирусот ковид-19. За разлика од нашите родители и дедовци, ние не бевме соочени со две светски војни, не ги искусивме нуклеарните тензии на Куба, ниту Студената војна. Сега, нашата среќа полека истекува, пишува универзитетскиот професор Марсело Глајзер во неговата колумна „Ковид-19 ќе го промени човечкиот род“ за Си-ен-ен.
– Со зададениот удар од страна на глобалната пандемија на новиот коронавирус, можеме само да стоиме и немо да гледаме на бројките на починатите. Ситуацијата допрва ќе стане полоша, пред да почне да се подобрува. А колку полошо ќе биде, зависи од сите нас – смета Глајзер.
Годинава ќе биде запаметена како пресвртна точка во историјата на човештвото. Пандемијата ни нуди шанса повторно да се откриеме себеси.
Војните ги принудуваат народите на здружување. Кога една земја е нападната, граѓаните се здружуваат за сложно да се одбранат од непријателот. Стравот е причина за делување.
Сега се соочуваме со глобален непријател. Непријател што не ги дели жртвите врз етничка, расна, религиска, родова или почитичка основа. Вирусот не го интересираат границите и мапите. Сите сме потенцијални преносители на вирусот, без разлика кои сме или каде живееме.
Ковид-19 ќе го промени човечкиот вид. Мораме да реагираме како земја која е нападната од непријател, како вид кому му се заканува истребување и се бори за опстанок. Вирусот нема да нѐ избрише. Но, предизвикува неизмерна болка и загуба, го дестабилизира глобалниот пазар и го претвора нашиот живот во кошмар. Нашата ранливост и коегзистенција се ставени на негова милост и немилост.
На природата не ѝ е грижа за нашата ароганција. Вирусот нѐ принудува да ги преиспитаме нашите вредности и одлуки додека се затвораме во изолација во нашите домови, трупајќи ресурси за преживување.
Би било будалесто да не ја прифатиме реалноста, во која за да преживееме мораме да делуваме како целина. Влегуваме во ера која ја надминуваме племенската заедница, време во кое нашиот вид ќе почне да функционира како целина. Време е да почнеме да работиме низ целата планета како членови на заедница, како единки на човекова кошница од пчели, а не како деструктивен паразит. Едно големо племе кое ја прифаќа неговата меѓусебна разновидност за неговото општо добро. Веќе се забележува ваквото будење. Песните кои се слушаат од терасите во Италија се доказ за тоа.
Мораме да размислуваме колективно, како семејство од пчели, секој од нас игра суштинска улога. Првите чекори се едноставни, да бидеме скромни во однос на она што не го знаеме, да ја почитуваме природата и нејзината сила, и да работиме заедно за да ги зачуваме, не само сопствените животи и оние на најблиските, туку сите животи, на најстарите и најмладите, и заедно да го славиме дарот на животот, заклучува Глајзер.