Минатиот септември се сретнав со вицепретседател задолжен за проценка на ризик во една од 100-те најголеми светски компании, чие седиште е во Вашингтон, кој има претходно искуство во разузнавањето. Тогаш го прашав за што е најмногу загрижен. А тој без задршка одговори „високозаразен вирус кој ќе избие некаде во Кина и ќе се шири брзо“, пишува Мајка Зенко за „Форин полиси“.
По избивањето на коронавирусот честопати размислував за неговата проценка на ризикот. Повеќето лидери немаат дисциплина за да прават редовни проверки за можните ризици, а уште помалку од нив развиваат неопходни планови за непредвиден случај. Уште поретки се лидерите кои можат однапред да ја идентификуваат најголемата закана и да развијат и имплементираат вакви планови.
Може да се каже дека администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп потфрли, во неможноста да ги сфати сериозно специфичните, повторувани предупредувања од разузнавачката заедница во врска со избивањето на зараза, како и во барањето на иницијативи за национален одговор и за власти кои ќе ја водат јавноста во борбата против штетата нанесена од вирусот.
– Владата има ресурси и кадар да ја води јавноста. Но за жал, администрацијата на Трамп направи серија на процени и одлуки кои влијаеа врз безбедноста на Американците. Накратко, администрацијата наметна катастрофално стратешко изненадување врз американскиот народ. Но за разлика од претходните случаи, како Перл Харбор, Иранската револуција и особено 11 септември, сегашното е резултат на незабележана индиферентност, дури и занемарување – се наведува во анализата на „Форин полиси“.
Минатата недела „Вашингтон пост“ извести за постојаниот прилив на предупредувања за коронавирусот што разузнавачите ги презентирале на Белата куќа во јануари и во февруари. Овие предупредувања не влијаеа значително врз водечките луѓе во администрацијата кои беа под влијание на исмевањето на вирусот од страна на претседателот, кое почна на 22 јануари.
Избивањето на заразата и рецесецијата што демне во САД ја трансформираше претседателската кампања и може да има големи последици за иднината на политиката на моќта. Опуштеноста на Белата куќа во раната фаза на избивањето на заразата ќе биде една од најскапите одлуки во модерното претседателство, заклучува Зенко.