Лидерите на Европската Унија размислуваат за воведување на сертификат за вакцинација, кој би требало да дејствува како доказ за безбедноста и да укине одредени превентивни мерки на границите на ЕУ, како што се карантинот и ПЦР-тестовите, пренесува „Еурактив“.
Рестрикциите во шенген-зоната „треба да бидат лимитирани за специфични локации и со заеднички договор меѓу земјите“, смета министерот за внатрешни работи на Португалија, Едуардо Кабрита, наведувајќи го како пример затворањето и последователното ново отворање на копнената граница меѓу Португалија и Шпанија помеѓу март и јуни мината година.
Прашањето денес ќе биде дискутирано на видео-конференција на лидерите на ЕУ, но некои земји веќе ја изразија својата загриженост.
– Не мислам дека ова е добра идеја. Мора да има потврда за вакцинација, но мора да се користи за медицински причини, а не за патувања – рече романскиот претседател Клаус Јоханис.
Многумина стравуваат дека сертификатот за вакцинација или т.н. ковид-пасош индиректно ќе ја направи вакцинацијата задолжителна, што би резултирало во зајакнување на движењата против вакцинацијата, кои во некои европски земји се многу силни. Предлогот за потврда за вакцинација неодамна го поднесе грчкиот премиер Киријакос Мицотакис, со цел да се олесни патувањето низ ЕУ.
Мицотакис смета дека не може да се дозволи загрозувањето на работните места и да се изгуби уште една година во обидување да се стартуваат економиите. Тој смета дека ковид-пасошите и укинувањето на рестрикциите може да се постигне на ниво на Европската Унија.
– Преку воведување на стандардизиран образец за сертификат за дигитални вакцини, можеме брзо да ги отвориме границите, заживувајќи го туризмот и дозволувајќи им на нашите граѓани да се движат слободно и без ограничувања во ЕУ. Ќе се залагам за ваков аранжман на состанокот на Европскиот совет оваа недела – претходно изјави Мицотакис.
Тој знае дека со овој чекор ќе настанат и проблеми. На прашањето зошто да се стори ова во толку рана фаза, кога имунизацијата со вакцините допрва започнува, Мицотакис вели дека ЕУ треба да се подготви за претстојното лето, а дотогаш ќе бидат вакцинирани значително повеќе луѓе.
– Оние кои сакаат да патуваат, но не поседуваат сертификат, сепак треба да го сторат тоа, според досегашните правила за патување. Пред сè, ова не е пасош за дали имате примено вакцина. Станува збор за отворање на слободата на движење користејќи едноставно, сигурно и безбедно дигитално решение што може повторно да ги придвижи нашите економии. Овој проект за соработка е токму она за што ЕУ беше формирана. Заедно можеме да го постигнеме тоа – вели Мицотакис.
Целта, како што вели Мицотакис, не е да ги поделат Европејците во две категории – на оние кои се вакцинирани и оние кои не се. Целта е да се создаде „лента за брзо патување“ за оние кои ќе поседуваат дигитално стандардизиран сертификат.