Кинеските научници им понудиле на руските колеги да извршат заедничко тестирање на руската вакцина, што може да се смета за знак на доверба по одлуката на Москва да го забрза одобрувањето на вакцината, пишува „Саут чајна морнинг пост“.
Планот беше објавен од водечкиот кинески експерт за респираторни заболувања, Жонг Наншан за време на симпозиум со руски научници во неделата. Тој не прецизираше која вакцина-кандидат ќе биде тестирана, ниту каде ќе се извршат тестирањата. Наншан истакна и дека Русија остварила брз напредок во развојот на вакцина.
– Кина и Русија можат да научат многу една од друга. Технологите и стратегиите на Русија вреди да се изучат, додека Кина има свои уникатни методи за контрола на пандемијата, особено со употребата на традиционалната кинеска медицина – кажал Наншан.
Објавата на Русија дека станала првата држава што одобрила вакцина почнала со нејзино производство, без спроведување на обемни тесрирања за ефикасноста и безбедноста беше дочекана со скептицизам од научниците низ светот, вклучувајќи го и водечкиот американски експерт Ентони Фаучи.
Вкупно 29 вакцини-кандидати поминуваат низ клинички тестирања во светот, од кои седум се во третата, финална фаза. Тука се вклучени кинеските кандидати кои се тестираат во Обединетите Арапски Емирати, Бразил, Саудиска Арабија и во Индонезија.
Кинескиот центар за тестирање лекови соопшти дека вакцините против коронавирусот мора да имаат стапка на ефикасност од 50 отсто и да пружаат имунитет најмалку шест месеци, за да бидат одобрени за употреба во Кина. Регулаторот истакна и дека вакцините кои ги исполнуваат стандардите за ефикасност, но уште не ги завршиле тестирањата, би можеле да се употребуваат во итни случаи.