Кина брзо и успешно се справи и успеа да го сузбие новиот, втор бран на коронавирус за само 21 ден од неговото избивање. Вториот бран изби минатиот месец на пазар за храна во Пекинг, а предизвика 328 нови случаи и краткотраен карантин на градот, пренесува „Тајм“.
По неуморната кампања проследена со масовно тестирање, во средата властите пријавија само еден нов случај и два асимптомски случаја. Ова ги прекина 56-те дена без инфекција во Пекинг, но овојпат бранот помина без ниеден смртен случај.
– Пекинг покажа јасен пример дека Кина е способна успешно да се справи и избегне нов бран на инфекции, биле тие домашни или увезени, преку брза реакција и контрола на епидемијата – рече Жанг Венхонг, директор на заразни болести во болницата „Хуашан“ во Шангај.
Над седум милиони од 22-милионското население на Пекинг беа тестирани откако вториот бран се прошири, а училипштата, кафулињата и салоните за убавина повторно беа затворени. Според епидомолозите, жители на 47 улици беа ставени под строг карантин, а со тоа се стави приоритет на целокупното здравје на населението.
Стравувајќи дека новиот бран ќе биде порезистентен од оној од декември, новите правила за карантин наведуваа дека сите кои биле во контакт со заболен мора да се самоизолираат 28, наместо 14 дена, иако само пет отсто од заразените имаат период на инкубација од 14 дена.
– Поради вирусот и големиот број на асимптоматски случаи, повеќето епидемии низ Кина се неизбежни. Ваквиот начин на строг карантин, за потоа да уследи олабавување на мерките, би можел да трае со недели или месеци. Тоа би траело барем додека да изнајдеме поодржлив начин да се справиме со вирусот, а тоа да не вклучува масовно тестирање и блокирање на градот – вели Бен Коулинг, експерт за јавно здравје на универзитетот во Хонгконг.
Со тоа што ситуацијата беше споредена со „бојно поле“, и со успешното и брзо справување со вториот бран на вирусот, Кина покажа дека добри резултати се можни без притоа да има смртни случаи, нешто што не се гледа во САД, каде што претседателот Доналд Трамп изјави дека „вирусот едноставно ќе исчезне сам по себе“. Во САД секојдневно има над 52.000 нови инфицирани случаи.
– Не верувам дека вирусот ќе исчезне. Тоа е глупост. Но Трамп барем изјави дека носењето заштитни маски е корисно, а таквата изјава би била во негова корист во иднина – вели Коулинг.