Истражување на кралскиот колеџ „Империјал“ од Лондон
Анализата што ја направиле експертите од оваа еминентна институција покажува дека затворањето цели корпорации, компании, трговски центри, училишта, градинки низ единаесет европски земји, покрај спречувањето смрт на над 3 милиони луѓе, дополнително спречило да се заразат околу 15 милиони лица од опасниот вирус
Рестриктивните мерки, ограничувањата на движењето, вклучувајќи го и карантинот, кој беше и сѐ уште е активен во некои земји низ Европа, спречиле смрт на над три милиони луѓе. Ова се наведува во британска студија направена од страна на Кралскиот колеџ во Лондон, чии научници ја советуваат британската влада за коронавирусот, пренесува „Би-би-си“.
Анализата што ја направиле експертите од оваа еминентна институција покажува дека затворањето цели корпорации, компании, трговски центри, училишта, градинки низ единаесет европски земји дополнително спречило да се заразат околу 15 милиони лица од опасниот вирус. Користејќи ги податоците на Европскиот центар за контрола на болести, за бројот на смртни случаи, заклучно со 4 мај, научниците од престижниот британски колеџ исто така пресметале дека ограничувањата го намалиле и репродукцискиот број на стапката на пренесување на вирусот од човек на човек за 82 проценти и го свеле под 1 отсто.
– Нашите резултати покажуваат дека големите нефармацевтски интервенции, а особено ограничувањата, имаа голем ефект врз ширењето на болеста – велат авторите на студијата.
Научниците проценуваат дека, кумулативно, во тој период биле заразени меѓу 12 и 15 милиони луѓе во тие единаесет земји, или меѓу 3,2 и 4 отсто од нивната популација.
Бројките се менуваат меѓу различните земји: во Германија околу 0,85 од вкупното население било заразено од вирусот, додека во Белгија биле заразени 8 проценти, а во Шпанија 5,5 отсто. Авторите велат дека е тешко да се процени каков бил ефектот на забраната за јавни собири и затворањето на училиштата, но откриле дека карантинските мерки во целина имале очигледен и значителен ефект и ја намалиле трансмисијата за 81 процент.
Земјите што биле дел од студијата се Германија, Франција, Италија, Британија, Шпанија, Белгија, Австрија, Данска, Норвешка, Шведска и Швајцарија.
Во меѓувреме, посебна студија на истата тема на универзитетот „Беркли“ во Калифорнија го анализираше влијанието на карантинот во Кина, Јужна Кореја, Иран, Франција, но и во САД.
Според американскиот извештај, слично на европскиот, се наведува дека ограничувањата и рестриктивните мерки на движење поради ковид-19 спречиле околу 530 милиони инфекции во тие земји. Непосредно пред да се воведат ограничувањата, студијата покажала дека властите во тие земји не биле во можност да ги контролираат случаите со коронавирусот, а бројките на нови заразени се зголемувале на секои два дена.
Д-р Соломон Хсијанг, еден од истражувачите од универзитетот „Беркли“, истакна дека коронавирусот е „вистинска човечка трагедија“, но глобалната акција за запирање на ширењето на вирусот спасила повеќе животи за пократок временски период од кога било досега.
– Постои реален ризик скалата на инфекции повторно да се врати нагоре и наскоро да дојде до евентуален втор бран, поточно во наредниот месец или два – рече Хсијанг.
Тој додаде дека властите во земјите што се зафатени од пандемијата треба превентивно да размислуваат во таа насока токму преку повторното враќање на рестриктивните мерки како заштита од коронавирусот. Паралелно на ова, Светската здравствена организација (СЗО) во понеделникот предупреди дека како што се подобрува ситуацијата во Европа, така се влошува во другите делови на светот.
– Повеќе од 100.000 нови случаи се пријавени во изминатите девет или десет дена – рече шефот на СЗО, Тедрос Гребрејезус, наведувајќи дека 75 отсто од новите случаи се регистрирани во десет земји, претежно во Латинска Америка и во Јужна Азија.
Од друга страна, повеќето европски земји, меѓу кои и Велика Британија, веќе преземаат чекори за ублажување на мерките воведени за запирање на ширењето на коронавирусот. Кабинетот на британскиот премиер Борис Џонсон најави дека ќе дозволи верските објекти делумно да се отворат на 15 јуни, но само за приватни молитви. Свадбите и другите церемонии сè уште нема да бидат дозволени. Присутните треба да се придржуваат кон правилата за физичка дистанца. Според планот на Владата за ублажување на мерките, верските објекти не треба да бидат отворени за масовни посети најмалку барем до 4 јули.
Во Британија од завчера секој што ќе влезе во земјата мора да биде во 14-дневна изолација, вклучувајќи ги и британските граѓани, но и да даде адреса каде ќе бидат во самоизолација, а доколку ги прекрши правилата, може да биде казнет со казна до 1.000 фунти.