Неодлучните, а не тврдокорните антиваксери, може да станат цел на разни видови на комуникациски кампањи

Автор: Лионел Лоран

Блумберг

Сè поблиску е вакцината против ковид-19, а владите се обидуваат да одговорaт на финансиските и логистичките предизвици од имунизацијата на нивното население за краток временски период. Надежите за враќањето на светскиот економски раст зависат токму од тоа. Но поголемиот предизвик можеби ќе биде психолошкиот, односно како да се убедат луѓето да се вакцинираат. Постигнувањето на колективниот имунитет може да значи дека најмалку 80 отсто од луѓето ќе треба да ја примат вакцината, со што би се оставил мал простор за грешка.

Анкетите покажуваат дека треба да се внимава на Франција, земјата од каде што потекнува Луј Пастер, пионерот во вакцините. Една скорашна анкета на „Ипсос“ откри дека само 54 отсто од возрасните Французи би сакале да ја примат вакцината против ковид-19, кога таа ќе стане достапна и покажаа најмала заинтересираност од вкупно 15 испитани земји. (САД беа претпоследни.)

Иако Франција има свој удел на антиваксери, главните причини за скептицизмот се прашањата за нејзината ефикасност и стравот од несакани ефекти отколку самото противење. Франција исто така е ранлива и од други причини, затоа што важи за општество каде што многу се користат лекарства, а антибиотиците пречесто се припешуваат, што ги тера луѓето да се насочат кон природните лекови. Дури 26 отсто од француските доктори сметаат дека дел од препорачаните вакцини не се корисни. Сомневањето во вакцините не е нешто ново, но е сложен факт.

Не е познато како противниците навистина ќе реагираат кога ќе започнат кампањите за имунизација, но би било несовесно да се претпостави дека тие автоматски ќе се согласат. Детската вакцинација во Франција има удел од над 90 отсто, како и во многу богати држави, но тоа е така затоа што 11 од нив се задолжителни со закон и се услов за запишување во училиште. Не постои голема волја вакцината против ковид-19 да стане задолжителна за да не предизвика негативни реакции во јавноста. Луѓето ќе одлучат дали сакаат да ја примат, а најверојатно ќе бидат потребни две дози што го зголемува ризикот од такви кои би се откажале од неа.

Комуникацијата ќе биде од клучно значење. Стравот од несакани ефекти е длабоко вкоренет меѓу оние што се сомневаат во вакцините и кај оваа група е многу тешко да се отстранат дезинформациите. Кога Жерар Аро, поранешниот француски амбасадор во САД, неодамна на Твитер објави дека ја поддржува вакцинацијата, беше толку преплавен од одговори на многу антиваксери, што не можеше да им одговори на сите.

Претседателот Емануел Макрон се надева дека ќе формира научен комитет што ќе се фокусира на корисноста на вакцината и ќе се обиде да регрутира поединци од јавноста што ќе ја поддржат оваа цел. Но поддршката мора да биде голема и од медицинската заедница. Матичните доктори се на првите линии од вакцинацијата и мора силно да ја поддржуваат. Ова направи огромна разлика во примањето на вакцината против хуман папилома вирусот (ХПВ) која штити од карцином на грлото на матката и други негови форми. Дури и нешто толку едноставно како што брошурата за ХПВ, беше доволна за да се зголеми вакцинацијата од 49 на 70 отсто во една група, според истражувањето на кое се повика Џонатан М. Берман во својата книга „Антиваксери“.

Најефикасните заложби ќе бидат на ниво на заедницата. Наместо да им се делат лекции на скептиците и да се ризикува зацврстување на нивните ставови, подобро е вниманието да се насочи на позитивниот врснички притисок, односно алтруизмот од спасувањето на другите, корисноста од општата добра здравствена состојба и родителите да бидат добар пример со тоа што ќе се сложат да се вакцинираат. Австралиската кампања „Се вакцинирам“ од 2014 година е еден таков успешен пример, а истражувањето покажа дека позитивно се одразила кај една третина од родителите кои ги одбивале или се сомневале во вакцините.

Слично како во кампањите за подигање на свесноста за СИДА или рак на дојка, истражувачите Корали Шевалие и Иго Мерсие предложија да се делат сини панделки кои луѓето ќе ги носат како симбол дека се вакцинирале против коронавирусот. Напорите можат да започнат со десетици илјадници лица кои учествуваа во тестирањето на вакцината.

Ако сето ова не успее, тогаш ќе се остави простор за построги мерки, со можност компаниите да ги преземат нештата во свои раце. Авиокомпанијата „Квантас“ би можела да воведе барање за вакцинација против ковид-19 за меѓународните летови. Но прилично нереално е баровите, рестораните или такси-превозниците да бараат или да спроведуваат слични политики на своја рака.

Постои зрак на надеж дека вакцинирањето против коронавирусот ќе ги изненади сите. Доброволната вакцинација против сезонскиот грип забележа неверојатен успех оваа година во Франција откако беше спроведена кампања во која се апелираше да се заштитат повозрасните и поранливите категории на граѓани, како и медицинските лица среде пандемијата. Речиси 10,7 милиони дози беа дадени во изминатиот месец што го надмина ланскиот вкупен број. Понекогаш една заложба може да направи разлика.

Превод: Билјана Здравковска