Светот почнува да ги ублажува рестрикциите воведени за спречување на ширењето на пандемијата. Лидерите, државите и градовите увидоа дека немаат избор освен да се вратат на економската активност, уште пред појава на вакцина или лек за болеста. Ова значи дека вториот бран на пандемијата безмалку е извесен, објавува „Блумберг“.
Она што е неизвесно, пак, е колку разорни ќе бидат идните појави на заразата. Ако бидат спорадични и се задржат под контрола, стапката на смртност ќе остане ниска, а животот би можел да се доближи кон нормалата. Но, ако се големи, државите и регионите можеби би требале да се вратат во состојбата на затвореност, со што ќе се продолжи нанесувањето на економска штета.
За жал, многу од факторите што ќе го одредат она што следува, не можат да се контролираат. Но, не може да се каже ниту дека државите се потполно немоќни во однос на сопствената судбина. Областите кои постепено ќе се отвораат и ќе имаат широко распространето тестирање и програми за следење на контактите најлесно ќе можат да го откријат и спречат новото избивање на вирусот. Но, природата ќе има значителна улога, исто така, а таа ќе биде непредвидлива.
Повеќето научници уште не одредиле колку тенденциите на годишните времиња влијаат врз ковид-19. Повеќето поголеми жаришта беа забележани на северната хемисфера, иако останува нејасно дали тоа се должи на временските услови, ограниченото тестирање или други фактори.
Теоретски, коронавирусот можеби постепено ќе стивне, како што прават вирусите, ако луѓето создадат имунитет. Одреден модел за идното ширење на коронавирусот сугерира дека интензитетот на избивањето значително ќе варира во однос на сезонските услови и на имунитетот на луѓето.
Одејќи напред, државите имаат искуство, а намалувајќи ја „кривата“ на заразени, ќе имаат и повеќе време да се подготват. А сепак, кога студеното време ќе се врати наесен, тие би можеле да се соочат со нов предизвик – истовременото враќање на ковид-19 со сезонскиот грип.
Би помогнало ако поголемиот дел од светската популација се вакцинира против грип. Но, во просек на годишно ниво, помалку од половина од полнолетните Американци се решаваат да се вакцинираат против грип.
Научните пробиви би можеле исто така да го изменат текот на заразата. Откритието на ефективен начин на лекување значително би го намалило страдањето и оптовареноста на здравствените системи.
Соочени со неизвесност, државите и компаниите ќе треба претпазливо да пристапат кон повторното отворање.