Автор: Ричи Кумар
(Гардијан)

Фрешта со месеци ја градеше својата деловна франшиза за да може да го прехрани семејството и притоа урна неколку табуа за жените кога коронавирусот го погоди Авганистан. Во ноември, студентката по инженерство стана една од групата од 40 жени што ги разнесуваат специјалитетите на „Банус кичен“ во Кабул, главно меѓу машката клиентела.
– На почетокот мажите беа шокирани кога гледаа како жени возат мопеди и продаваат храна, но се навикнаа за неколку месеци, а сега дури и нè поддржуваат – вели таа.
Но од 26 март во државата беа воведи рестриктивни мерки, а Фрешта мораше да престане со работа. Не само што таа е единствената која заработува и го издржува шестчленото семејство во еден од најскапите градови во државата, туку и мора сама да си ги плати студиите.

За среќа локалната невладина организација „Ебтакар“, која им помогнала на Фрешта и на 100 други жени да се вработат на овој начин преку продажба на храна, нашла решение за проблемот и ги претворила мобилните штандови во единици за дезинфекција за да им се помогне на луѓето да бидат безбедни во текот на пандемијата.
Од април, Фрешта со својот мобилен штанд се движи во посиромашните делови на градот, ги дезинфицира автомобилите, продавниците и јавните простори, а дели и маски, ракавици и дезинфициенси.
– Решивме да ги користиме мобилните штандови, кои веќе ги имаме, за да помогнеме во обезбедувањето на бесплатна здравствена заштита, а во исто време жените да останат на работа – порача Ферхад Ваџди основачот на „Ебтакар“.
Жените добиваат дневници и имаат обезбедена заштитна опрема. Невладината организација доби средства од ООН и од авганистанската влада за ја реализира идејата. Во Авганистан до почетокот на јуни беа регистрирани над 16.000 случаи на ковид-19, поради што ООН изрази загриженост за несоодветните медицински капацитети и недостигот на ресурси што можат да ја влошат здравствената криза.
Извештајот на меѓународната организација „Оксфам“ изрази загриженост за несразмерното влијание на ковид-19 врз Авганистанките. Во него се наведува дека „патријархалните норми го ограничуваат нивното движење, пристапот до основните права како образование и здравство, контрола на ресурсите, одлуките што влијаат врз нивниот живот и правото на живот без насилство. Ковид-19 не се разликува во тоа и дури ги влошува нееднаквостите со кои се соочуваат Авганистанките. Намалената можност на жените да заработуваат за време на епидемијата на ковид-19 сериозно ја ограничува нивната економска и општествена независност. Особено загрижува загубата на можностите за вработување кои се извор на дополнителен приход во семејството што беше главна причина поради која им се дозволи на жените да го напуштат домот“.


За Фрешта работата значи финансиско олеснување и промена на ставовите.
– Точно е дека жените не се секогаш добредојдени кога работат надвор од домот. Кога почнав да продавам храна, се случуваше луѓето да нè вознемируваат, но на крајот прифатија дека заработуваме на овој начин за парче леб. Прво беа шокирани што гледаа жени по улиците, но сега нè поздравуваат – порача таа.

превод: Билјана Здравковска