Австрија го продолжи карантинот до 11 декември. Во моментов, бидејќи од луѓето се бара постојано да останат во своите домови, навистина нема конкретни временски периоди каде што смеете или не смеете да излегувате…
Поради зголемениот број на заразени со коронавирус во Австрија, тамошните власти се решија на рестриктивни мерки, меѓудругото и за да ги поттикнат граѓаните да се вакцинираат, главно со воведување на нов карантин и ограничување на движењето на невакцинираните. Граѓаните не смеат да излегуваат, освен на кратки прошетки и за набавување на основни намирници, како и за неоходни потреби. Дозволено е да се посетуваат најблиските членови од семејството, а рестораните се затворени, кафе-баровите не работат, забавите се целосно забранети и воопшто нема ноќен живот, раскажува Фабијан Стамер, студентот на Универзитетот во Виена. Тој за „Нова Македонија“ се обиде да ја прикаже сликата за тоа како е да се живее во Виена деновиве.
Австријците револтот за рестрикциите го искажаа преку протести. Поради незадоволството од стапката на вакцинација, Министерството за здравство работи на предлог-закон кој предвидува лицата што нема да ја почитуваат обврската за вакцинирање да бидат казнети со глоба до 3.600 евра за одбивање на првата доза и 1.450 за одбивање на третата доза. Токму ваквата одлука била прелевање на чашата за демонстрантите да излезат и да протестираат. Стамер смета дека скептицизмот на голем број на Австријци кон вакцините против ковид-19 е поврзан со правото на избор.
– Верувам дека мнозинството од Австријците кои одлучуваат да не се вакцинираат едноставно не сакаат власта да им се меша во одлуката што прават тие со нивните тела – вели Стамер.
Тој објаснува дека, бидејќи сите се наоѓаат под карантин, засега нема толку многу разлики помеѓу вакцинираните и невакцинираните луѓе. Но, пред да биде воведен карантинот за сите граѓани, невакцинираните луѓе се соочуваа со повеќе рестрикции, за властите да ги поттикнат побрзо да се вакцинираат. Пред воведување на карантинот, на невакцинираните лица им беше забрането да посетуваат голем број од рестораните, фризерские салони и кината.
– Во моментов, бидејќи од луѓето се бара постојано да останат во своите домови, навистина нема конкретни временски периоди каде што смеете или не смеете да излегувате. Очигледно, многу луѓе сè уште одат на работа и секој, без разлика дали е вакциниран или не, може да излезе за да купи храна или да посети доктор – вели Стамер, кој досега има примено две дози од вакцината против ковид-19.
Тој вели дека универзитетите се затворени.
– Не одиме на предавања, туку имаме онлајн-часови, исто како и на почетокот на пандемијата. За мене животот е ист како и во претходните неколку карантини, со единствена разлика на атмосферата. Луѓето сега се поисфрустрирани и во ситуација во која не се способни да сторат ништо во врска со мерките. Понапнати се – вели Стамер.
Секојдневниот живот го опишува како горчлив, со многу малку можности за средба со пријателите, па дури и со семејството.
– Универзитетот воопшто не е како што беше, што е особено фрустрирачко за многу студенти. Има малку социјален живот за кој може да се зборува со повеќето луѓе. А општествената поделеност секој ден е сѐ поголема, расправиите стануваат сѐ пожестоки и ситуацијата станува понапната. Постојат многу спротивставени информации кои циркулираат наоколу, дури и од официјалните извори – објаснува Стамер.
Тој не верува дека австриската десничарска Партија на слободата со ширење на теориите на заговор за вакцините ги поттикнува антиваксерите на протест.
-Тие се значително покритични кон вакцините и ги ставаат во фокус и полемизирање. Засега се покажува дека новите рестрикции и забрани за движење на невакцинираните не доведе до намалување на бројот на заразени. Тој од ден во ден постојано расте, без разлика на тоа што сега сме во нов карантин – објаснува Стамер.
Пред околу една недела на улиците во Виена протестираа 100.000 луѓе.
– Фрустрацијата и лутината на демонстрантите малку по малку достига критично ниво. Интересна е и поделбата која настана помеѓу вакцинираните и оние кои не се вакцинирани, што дефинитивно не помага за да се олесни ситуацијата и мислам дека дополнително придонесува скептичните да пружат отпор и да не се вакцинираат – заклучува Стамер, кој се надева дека сегашното заклучување ќе биде што е можно пократко и луѓето ќе можат повторно да се поврзат со своите пријатели и семејства.
– Она што најмногу ни е потребно во овие вознемирувачки времиња, е заедницата – вели Стамер.
Иван, австриец со српско потекло кој живее во Виена, поинаку го доживува карантинот. Тој вели дека за него животот во карантин е нормален, дека оди на работа, може да ги врши дневните рутини, но кога ќе се врати од работа мора да седи дома. Вечерни прошетки се дозволени, како и излегување за најбитните потреби, за купување намирници, како и за шетање на домашните миленици.
– Животот продолжува да фунцкионира како и пред овој карантин, луѓето одат на работа и ситуацијата не е толку поразлична од пред карантинот да биде повторно воведен. Социјалниот живот е паузиран, сѐ друго работи, освен дуќаните за гардероба. Можете да посетите доктор, железниците и автобусите функционираат. Ситуацијата не е толку страшна како што Австријците ја претставуваат – додава Иван.