Шведска досега поинаку се справуваше со коронавирусот. Додека во другите земји беа преземени строги мерки за сузбивање на неговото ширење, Шведска не наметна полициски час, маските не се задолжителни за носење, а кафулињата и рестораните се преполни. Но, по големата смртност од првиот, како и по настапувањето на вториот бран, изгледа дека шведските власти конечно ја научија лекцијата и бараат начин на наметнување на построги мерки, пренесува „Њујорк тајмс“. 

Ова, главно, доаѓа по оптоварувањето на капацитетите во болниците поради зголемениот број заболени, како и поради непостигнувањето на колективниот имунитет на кој се надеваа. Затоа шведските власти сега мораат да покажат посериозен пристап. Одредени училишта се затворени, а се препорачува собирање на групи до максимум осум лица. 

Но, рестораните и скијачките центри продолжуваат да бидат отворени. Наместо полициски час и строги мерки како во останатите европски земји, Шведска во првиот бран се грижеше за психичкото здравје на граѓаните, стравувајќи дека рестриктивните мерки ќе ги доведат до депресија, самоубиства и губење на работните места. Многумина сметаат дека вториот бран ќе биде уште пострашен за земјата.

– Се плашам дека ќе стане уште полошо. Сите со страв ги исчекуваме наредните недели. Немаме доволно персонал за да се справиме со болните – рече Карин Хилдебранд, кардиолог во оддел за интензивна нега во болница во Стокхолм.

Вчера специјална комисија заклучи дека владата не успеала да ги заштити старите лица и дека не е подготвена за пандемијата. Околу 3.000 медицински сестри ја напуштија работата во текот на првите десет месеци од годината.

Шведската влада сега е под критика дека не презема доволно цврсти мерки. Дел од новите мерки вклучуваат забрана за служење алкохол по 22 часот, а во понеделникот државна агенција ги предупреди луѓето да ги ограничат божиќните собири на најмногу осум лица. 

Но, властите замолуваат, а не наредуваат. Според шведскиот закон, владата не смее да ги присилува луѓето да останат дома или да ги казнува оние што нема да ги почитуваат препораките.

– Потребни ни се неколку недели со изолација за да се намал бројот на заразени. Другите земји преземаа многу построги мерки на претпазливост дури и кога имаа пониски стапки на пренос на заразата – рече Тове Фал, професор по молекуларна епидемиологија на универзитетот Упсала. 

Рестораните и кафулињата остануваат отворени, а голем број граѓани се вознемирени бидејќи носењето маски сѐ уште не е задолжително, ниту препорачливо во Шведска, бидејќи наводно нема доволно докази дека маските помагаат во спречување на ширењето на вирусот. 

– Ние сме единствената демократија во светот што не препорачува носење на заштитни маски. Над 170 земји ширум светот препорачуваат користење на заштитните маски. Но, кај нас се тврди дека нема доволно научни докази зад нивната ефикасност. Тоа е глупост – изјави еден шведски професор по вирусологија.
 
И покрај сите потешкотии врз здравствениот систем и неговите работници, голем број Швеѓани сѐ уште сметаат дека опасноста од вирусот е преувеличена и мерките не се потребни.