Во случајот со истражувањата за вакцина против ковид-19, предноста е стекната со претходните студии за епидемиите на САРС и МЕРС, кои исто така се предизвикани од коронавируси. САРС и САРС-КоВ-2 (вирусот што ја предизвикува болеста ковид-19) се 80 отсто идентични. Тоа објаснува како научниците толку брзо го развија тестот за ковид-19 и тоа е основата на надежите дека вакцината за ковид-19 може да биде во употреба за толку „краток“ период од 12 до 18 месеци

Уште од прогласувањето на пандемијата на ковид -19 од страна на СЗО, пронаоѓањето на вакцината се наведуваше како најцелисходно превентивно оружје против коронавирусот и најдобриот начин за враќање на светот во нормален живот.

Оптимистички, песимистички и реален приод за појава на вакцината

Антони Фаучи, специјалист за инфективни болести од оперативната група за коронавирус од администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп, проценува дека вакцината би можела да пристигне најмалку за 12-18 месеци. Некои сметаат дека таквата процена е преоптимистичка, а некои дека е препесимистичка. Според експертите што говореле за „Њујорк тајмс“, клиничките испитувања речиси никогаш не успеваат, а еден вид рекорд во развојот на сосема нова вакцина е најмалку четири години. Во процесот на создавање на вакцината против варичела поминале неверојатни 28 години од нејзиниот развој до комерцијалната употреба. За комбинацијата за новороденчиња изминале дури 11 години плус. Затоа се поставува прашањето дали е реално да се очекува вакцина против коронавирусот на краток рок.

Зошто вакцината против ковид-19 има добра
пол-позиција?

Но во случајот со истражувањата за вакцина против ковид-19, предноста е стекната со претходните студии за епидемиите на САРС и МЕРС, кои исто така се предизвикани од коронавируси. САРС и САРС-КоВ-2 (вирусот што ја предизвикува болеста ковид-19) се 80 отсто идентични. Тоа објаснува како научниците толку брзо го развија тестот за ковид-19 и тоа е основата на надежите дека вакцината за ковид-19 може да биде во употреба за толку „краток“ период од 12 до 18 месеци, иако за државите што со карантински мерки се справуваат со пандемијата тоа изгледа предолго.
Иако „нетрпението“ за спасоносното решение од сите неволји што ги предизвика коронавирусот (како здравствено, но во голема мера и економски, како и (гео)политички) сѐ повеќе се зголемува и на глобално ниво, директорот на Националниот институт за алергии и заразни болести на САД, Антони Фаучи, предупредува на несаканите последици од избрзаните истражувања.

Осум вакцини во поодмината фаза на истражување

– Морам да предупредам дека постои можност и за негативни последици, односно одредени вакцини всушност може да го засилат негативниот ефект на инфекцијата – предупредува Фаучи.
Главниот американски епидемиолог објави дека американските компании работат најмалку на осум вакцини и, ако сѐ биде во ред, веќе на крајот од есента или на почетокот на зимата би можело да се знае дали се успешни или не. Според неговите зборови, официјално во САД почнало да се работи на вакцината на 14 јануари годинава, а 62 дена подоцна настапила првата фаза – фаза на клиничко испитување на две дози врз доброволци. Во наредните седмици треба да следуваат втората и третата фаза, во кои, според Фаучи, ќе бидат вклучени и тестирања на животни.
– Ако сме успешни, се надеваме дека ефикасноста на вакцините ќе ја знаеме доцна есенва или во почетокот на зимата. Имаме многу кандидати и се надеваме на повеќекратни резултати… Тоа ќе биде добро и на глобален план, ако имаме повеќе од еден успешен кандидат за вакцината – рекол Фаучи.
Сепак, американскиот епидемиолог додал дека клучно прашање е ефикасноста на вакцината, која засега е непознаница и сѐ уште е отворено прашањето дали ќе биде воопшто ефикасна и колку долго ќе трае нејзиниот ефект.

Бил Гејтс најавува пандемија во 2025 година како биолошка војна

Со слични согледувања за првите ефекти од вакцината за ковид-19 излезе во јавноста и Бил Гејтс, чија фондација е ангажирана на истражувањата за вакцини. Откако Гејтс почна да се повлекува од управата на компанијата „Мајкрософт“, тој почна да се занимава со хуманитарна дејност во 2000 година и заедно со неговата сопруга Мелинда ја основа фондацијата што е посветена на вакцинација на децата во регионите каде што детската парализа сè уште не е искоренета.
– Поради коронавирусот ќе живееме вака до летото. Но до тој период ќе ни биде потребно чудо. Ефектот на вакцината ќе може да го видиме подоцна. Се плашам дека вистинската корист од тоа ќе може да се забележи за две години – налето. Никој не добива од ова, туку сите губиме – предупредува Гејтс, кој актуелно не е многу популарен на глобален план, поради најавата за нова пандемија во 2025 година, како своевидна биолошка војна.

Каков е ставот на македонските експерти во врска со брза
вакцина?

Инфектологот Вело Марковски, професор на Медицинскиот факултет при УГД во Штип, уште пред дваесетина дена за „Нова Македонија“ предупредуваше за опасноста од експериментирање со нецелосно научно истражени и докажани решенија за вакцинација.
– Во сегашниот стадиум на распространетост и сознанија за коронавирусот, се плашам дека избрзаната примена на вакцината (особено масовно) може да предизвика поголеми проблеми. Се соочуваме со болест за која сѐ уште многу работи не знаеме, која не постоеше пред речиси четири месеци. И сега не знаеме дали заразените ја прележале целосно болеста, не го знаеме причинителот, не ги знаеме последиците по надминувањето на болеста, не знаеме колкав процент од населението има создадено антитела…

Научната логика упатува дека барем 10 отсто од населението би требало да имаат развиено антитела на вирусот, а доколку некој од нив биде вакциниран, голема е опасноста од предизвикување несакани последици. Во ваква ситуација, експериментирање со нецелосно научно докажани решенија може да предизвика општ хаос и паника – предупреди македонскиот инфектологот Вело Марковски, за што сега со слични аргументи говорат и светските авторитети од областа на епидемиологијата и инфектологијата.
Професорот Марковски укажа дека создавањето вакцина претставува процес во кој треба да се испочитуваат строги научни стандарди и да се добијат издржани докази, како и може да биде многу поопасно да се подлегне на пропагандно-политички потреби и поради различни општествени притисоци и без релевантни докази да се пристапи кон имунизација со вакцина против ковид-19.