Додека земјите од Западна Европа воведуваат ограничувања при вакцинацијата со „Астра зенека“ поради претпазливост, Украина ги предводи државите од Источна Европа кои се обидуваат да стигнат до дозите кои Западот не ги сака, објавува „Блумберг“.
Властите на Киев соопштија дека со месеци се обидуваат да дојдат до дозите на „Астра зенека“, а во трката за набавка се вклучија и Чешка, Летонија и Литванија, додека Данска ја стопираше имунизацијата со вакцината на британско-шведската компанија.
Источна Европа очајнички се обидува да набави вакцини поради зголемениот број на случаи на ковид-19 во изминатите неколку недели. Програмата за вакцинација во Украина е меѓу најбавните во Европа, а нејзините жители веројатно би го занемариле и стравот од можни несакани ефекти со цел да се заштитат од ковид-19, како што наведува „Блумберг“.
– Никој не би одбил вакцинирање во Украина. Користа е многу поголема од ризикот од несакани ефекти – изјави украинскиот министер за здравство, Максим Степанов.
Додека Украина потпиша договор за набавка на 32 милиони дози, досега пристигнаа помалку од милион дози од „Астра зенека“ и од кинеската „Синовак“. Вакцинирани се 433.000 луѓе од 42-милионската популација во Украина.
Како што објаснува Степанов, земјите од ЕУ се грижат само за своето население, и не понудиле дози за продажба на вакцините кои не ги сакаат или не им се потребни.
Руската „Спутник В“, која се користи во Унгарија, беше одбиена од Украина поради неодамнешните тензии меѓу двете земји.
Според анкетите на земјата, скоро половина од населението сака да се вакцинира, додека над две третини би одбиле тоа да биде со вакцината на „Астра зенека“. Степанов вели дека недостигот на вакцини, а не стравот за нивната безбедност, е главната причина за бавното темпо на вакцинација.
– Ги чекаме вакцините и сме целосно подготвени за вакцинација – изјави Степанов.