ВРЗ ОСНОВА НА БРИТАНСКОТО ИСКУСТВО
Искуството на Велика Британија во борбата против индискиот вид на коронавирус, каде што од неодамна тој се смета за доминантен, би можело да им послужи и на другите држави. Оваа тема стана актуелна и во Македонија откако вчера беше потврдено присуството на индискиот вид во земјава. Вирусот бил детектиран кај пациент кој се вратил од Ирак и кој се лекувал во приватна болница. Неговата состојбата е стабилна и тој не е знак за ризик, како што соопшти министерството за здравство. Главните прашања со кои Британија моментно се соочува се околу стратегијата за вакцинација, како и за планираното укинување на превентивните мерки.
Во Обединетото Кралство има пораст на бројот на случаи на ковид-19, наспроти забележаниот успех против ширењето на заразата во изминатите неколку месеци, а главната причина за новонастанатата состојба веројатно е високозаразниот индиски вид, од неодамна познат и како Делта, покрај обидите на државата за повторно отворање и ублажување на превентивните мерки, известува „Њујорк тајмс“.
Податоците сугерираат дека индискиот вид е позаразен од првичниот вирус и оти постои поголема веројатност за зараза и на оние кои примиле само една доза од вакцината. Очигледно е дека две дози се подобри од една, но Британија сега се соочува со прашањето околу тоа на која доза да и даде приоритет, бидејќи доказите сугерираат дека првата доза прави поголема разлика во однос на втората, вклучително кога станува збор и за индискиот вид, како што вели епидемиологот Џенифер Нуцо од „Џонс Хопкинс“ во изјава за „Њујорк тајмс“.
Бројот на нови случаи во Британија се зголеми за повеќе од двојно во изминатиот месец, од околу две илјади на четири илјади. Сепак, сегашниот налет на заразата речиси извесно ќе предизвика помал број на смртни случаи во однос на претходните бранови (моментно има помалку од 10 дневно, во однос на 1.200-те дневно во јануари), бидејќи повеќето од загрозените категории веќе се вакцинирани (околу 90 отсто од Британците на 65-годишна возраст примија две дози вакцини). А вакцините се покажуваат како ефикасни против индискиот вид, како што тврдат експертите.
Одредени научници сметаат дека во Британија се потребни одредени промени поради индискиот вид. А британските власти сега дискутирааат дали да продолжат со првичниот план за укинување на сите рестриктивни мерки на 21 јуни или да го одложат ваквиот чекор. Зголемувањето на бројот на случаи претставува и потсетување дека напредокот против пандемијата не значи и конечна победа. Британското искуство исто така покажува дека е можен пораст на бројот на случаи и во другите западни држави, за што пишуваше и „Фајненшл тајмс“.