Фото: Маја Јаневска-Илиева

Светски искуства со феноменот „работа од дома“

Информациите од Франкфурт, Сингапур и од Хонгконг покажуваат дека рестрикциите ги променија навиките на луѓето и создадоа нови предизвици. Сега е целосно јасно дека враќањето кон начинот на работење што функционираше пред пандемијата сѐ уште е далеку, а избивањето нови жаришта на ковид-19 би можело да ги одврати оние
што се навикнаа на работењето од дома, од идејата за повторно извршување на
работните обврски со физичко присуство

Некои од светските финансиски центри имаат тешкотии да ги вратат вработените во нивните канцеларии, приближно 15 месеци по затворањето поради пандемијата на ковид-19. Враќањето на работата со физичко присуство се покажува како бавен и компликуван процес, што во голема мера зависи од повеќе фактори врз кои работодавачот нема контрола, како што се вакцинацијата и ширењето на разните мутации на ковид-19, но и од достапноста до транспорт, се наведува во анализата на „Блумберг“.

Истражувањето од Франкфурт, Сингапур и од Хонгконг покажува како рестрикциите ги променија навиките и создадоа нови проблеми. Бизнисите се соочуваат со зголемен притисок од вработените од кои се бара да ги сменат новостекнатите навики, откако се приспособија на флексибилноста што ја овозможува работењето од дома. Поради тоа, „Гугл“, „Американ експрес“ и „Јуниливер“ усвојуваат практики што ќе им овозможат на вработените да поминат одреден дел од работната недела надвор од канцелариите. Додека пандемијата покажува знаци на стивнување низ светот, технолошкиот гигант „Епл“ и американската банка Џеј Пи Морган Чејс се подготвуваат да вратат одреден број од вработените во нивните простории, со цел да ја зачуваат работната култура, односно да ја подобрат соработката, која трпеше последици во месеците исполнети со повици на апликацијата Зум.

Бавното спроведување на вакцинацијата е главна
пречка за враќање во нормала

Главната пречка за враќање во нормала претставува бавното спроведување на вакцинацијата, за што доказ претставува ситуацијата во Франкфурт, чиј финансиски кварт и натаму е празен бидејќи вработените во дејностите што не се сметаат за неопходни треба да продолжат со работата од дома до крајот на јуни. Истовремено, само 25 отсто од населението на Франкфурт е целосно вакцинирано против ковид-19 (со примени две дози) до 20 јуни.

Повеќето работници во Хонгконг, пак, веќе се вратија на работните места, но нивниот долгорочен престој во канцелариите ќе зависи од способноста на власта да ги убеди граѓаните да се вакцинираат. Со опаѓањето на бројот на случаи на ковид-19, присуството во канцелариите речиси се врати на нивото пред пандемијата. А банките, како што е Голдман Сакс, веќе ги отворија просториите за сите вработени. Но градот уште се справува со релативно ниската стапка на вакцинација во споредба со другите финансиски центри, што е голема пречка за целосно отворање. Во Хонгконг досега се дадени 2,75 милиони дози вакцини, кои се доволни за 18,3 отсто од населението според податоците на „Блумберг“, наспроти тоа што азискиот финансиски центар е едно од ретките места во светот каде што вакцините се достапни за целокупното возрасно население. Властите побараа поддршка од бизнисите во однос на спроведувањето на вакцинацијата, со што е најавена нова кампања за забрзување на процесот на имунизација.

Неизвесност и во Велика Британија

Лондон, пак, допрва треба да дознае дали напорите за враќање во канцеларија можат да го издржат судирот со високозаразната нова варијанта на коронавирусот. Ширењето на делта-варијантата го одложи укинувањето на рестрикциите во Велика Британија, кое беше предвидено за 21 јуни, а со тоа и повторното отворање на општеството, барем до јули. Дојче банк, групацијата Голдман Сакс и другите банки во финансискиот кварт Сити беа принудени да ги одложат плановите за враќање на вработените во канцелариите. А со доаѓањето на летната сезона на одмори, овој дел од Лондон веројатно ќе треба да почека до септември на враќањето на вработените. Но ширењето на ковид-19 би можело да го искомпликува процесот. Главната причина за загриженост поврзана со враќањето во работните простории претставува ризикот од заболување од ковид-19 при користењето транспорт, според анкета спроведена од Лондонската трговска и индустриска комора во која учествувале 520 бизнис-лидери. Справувањето со таквите грижи ќе биде клучно за враќањето во нормала, кое моментно се одвива бавно.

Њујорк повикува на враќање, Сан Франциско прифати флексибилност

Деловните области на Њујорк бавно се будат од хибернацијата додека шефовите од Волстрит и градоначалникот Бил де Блазио ги повикуваат работниците да се вратат во канцеларија, 15 месеци откако градот беше силно погоден од избивањето на ковид-19. Повеќето рестрикции за капацитетите на бизнисите беа укинати во мај, отворајќи ја можноста за враќање на вработените. Банката Џеј Пи Морган се залага за целосно враќање на работната сила, барем во различни смени, до првите денови на јули. Голдман Сакс има поамбициозен пристап и бараше од речиси сите вработени во њујоршката канцеларијата да се јават на работните места до 14 јуни.

Сообраќајот и раздвиженоста во Сан Франциско се во подем, а барем 80 отсто од населението прими една доза вакцина, додека американската сојузна држава ги укина рестрикциите за бизнисите на 15 јуни. Но во деловните висококатници, канцелариите се празни, од кои дел и трајно. Некои од технолошките компании што се носители на економијата на градот, вклучувајќи ги „Сејлсфорс“, „Ербиенби“ и „Твитер“ побараа простор што можат да го преизнајмат, додека индустријата прифати флексибилни начини на работење. Повеќе од 836 илјади квадратни метри канцелариски простор беа достапни за преизнајмување во првиот квартал во Сан Франциско, што е најголемо ниво уште од 2005 година, додека на Менхетн во Њујорк имаше два милиона квадратни метри достапен канцелариски простор, што е за 62 отсто повеќе во однос на условите пред пандемијата.

Работната активност во Њујорк, Сан Франциско и во Лондон сѐ уште се одвива со двојно помал капацитет од вообичаениот, според податоците за движењето што ги објавува Гугл. До 16 јуни, 19 отсто до канцелариските работници на градското подрачје на Сан Франциско се вратија во работните простории. Се смета дека регионот нема да се врати на вообичаената работна недела до септември, што претставува цел на повеќето компании. А некои од компаниите сметаат дека ќе им бидат потребни месеци за утврдување на новите работни распореди. Ситуацијата се разликува меѓу градовите и компаниите, но јасно е дека враќањето кон начинот на работење што функционираше пред пандемијата сѐ уште е далеку, а избивањето нови жаришта на ковид-19 би можело да ги одврати оние што се навикнаа на работењето од дома, од идејата за повторно извршување на работните обврски со физичко присуство. С.Н.М.


Рестрикциите го кочат враќањето на работните места и во Сингапур

Рестрикциите во Сингапур повторно беа воведени минатиот месец по зголемувањето на бројот на случаи на ковид-19 на десетици дневно, што резултира со опаѓање на бројот на вработените во канцелариите за 23 отсто во мај, во споредба со април. Тоа е значително помалку во однос на мај минатата година, кога беше забележан пад од 60 отсто со воведувањето на рестрикциите. Дури и ако дојде до попуштање на рестрикциите, се смета дека компаниите што имаат мали канцеларии ќе наидат на тешкотии за спроведување на строгите мерки за дистанцирање, а повеќето фирми ја увидоа и желбата на вработените да работат од дома.