Почетокот на процесот на вакцинација во Германија е окарактеризиран како катастрофа, а еден од знаците за ваквата состојба е забележлив во северната покраина Шлезвиг-Холштајн, пишува „Политико“.
Станува збор за закажувањето на терминот за вакцинација преку интернет или телефонската линија отворена за таа потреба. Германците можат да се пријават, само ако се доволно брзи, бидејќи вчера, на пример, предвидените 15 илјади закажувања за неделава биле пополнети за 15 минути. Слична ситуација имало и претходниот вторник кога предвидените термини биле резервирани за 24 минути, а дел од оние кои аплицираа се жалеле на технички проблеми.
„Ви благодариме за интересот“ гласи пораката за разочараните Германци кои не успеале да обезбедат термин за вакцинација на интернет-страницата на која се врши закажувањето, каде што им се порачува и да се обидат повторно следниот вторник.
Во Германија вакцинацијата во оваа фаза е достапна за здравствените работници и за лицата над 80-годишна возраст. Затоа се јави прашањето како да се очекува од постарите лица да бидат доволно брзи во закажувањето на вакцинацијата.
– Сегашниот недостиг на вакцини секако го предизвикува незадоволството. Луѓето со право се разочарани бидејќи има малку слободни термини. Но тоа не значи дека ние лошо го испланиравме процесот или дека купивме погрешни вакцини. Ако целиот свет сака пристап до вакцини, тогаш залихите на почетокот се недоволни – вели Денис Крамковски, кој го води локалниот центар за вакцинација во Кил, еден од 400-те низ Германија поставени во изминатите два месеца.
Тој смета дека застојот е привремен и оти треба да се земе предвид дека наскоро се очекува одобрување и на вакцини од други произведувачи. Но Германците не го прифаќаат ваквото објаснување. Тамошните медиуми и дел од политичарите со недели тврдат дека се случило до катастрофа во планирањето во врска со набавката и дистрибуцијата на вакцини. Критичарите ја обвинија и Европската комисија за грешки во заедничкиот европски процес за вакцинација, тврдејќи дека Брисел не купил доволно дози од вакцината на „Фајзер“, која беше достапна прва. Властите во Берлин и во Брисел категорично ги негираа ваквите тврдења.
До завчера Германија, која доби два милиона дози од „Фајзер“ вакцинираше нешто повеќе од 610 илјади луѓе, што во просек изнесува 0,82 вакцинирани на секои 100 луѓе. Тоа е помалку во однос на Шпанија, Словенија, Италија или Данска која има просек од 2,02 вакцинирани на 100 луѓе.