На вчеравечерниот брифинг за печат Американскиот претседател Доналд Трамп им рече на новинарите дека не е лекар додека ја промовираше употребата на хидроксихолорокин, лек што се користи против маларија или лупус, за лекување на пациенти со ковид-19. Но, кога доктор Ентони Фаучи, кој важи за водечки американски експерт за заразни болести, беше запрашан за мислење, Трамп не му дозволи да зборува, пренесува „Бизнис инсајдер“.
На синоќешниот брифинг за печатот во Белата куќа, Трамп постојано зборуваше за употреба на лекот на пациенти со ковид-19, и покрај малкуте клинички докази за неговата ефикасност. Тој им рекол на новинарите дека го поддржува лекот додавајќи „јас не сум лекар. Имам здрав разум“.
Владата на САД складирала 29 милиони апчиња хидроксихолорокин за што Трамп објаснил дека е добра опција за третман, бидејќи во моментов нема вакцина, иако истражувачите тестираат голем број на лекови, вклучувајќи хидроксихолорокин.
– Јас се обидувам да спасам животи. Сакам тие да го испробаат. Може да успее, а може и да не успее. Ако не успее, барем не ги убива пациентите. Што можеме да загубиме – смета Трамп.
Но, кога новинар на брифингот го прашал доктор Фаучи, директорот на Националниот институт за алергија и заразни болести и член на Работната група за коронавирус во Белата куќа, што мисли, Трамп не му дозволи да зборува.
– Тој одговори на тоа прашање 15 пати – рече Трамп пред да се продолжи со прес-конференцијата.