Автор: Џуда Гранстајн
Ворлд политикс ривју
Како што во март стана јасна магнитудата од пандемијата на ковид-19, веднаш се јавија шпекулации какви ќе бидат последиците. Многу од првичните предвидувања најавија промена на светскиот поредок. Некои велеа дека Кина ќе победи, ќе профитира од успешното справување со вирусот и ќе се наметне како нов светски лидер.
Ако поблиску се разгледаат владините одговори на пандемијата ширум светот, ќе се забележи дека коронавирусот всушност го нагласил или го потврдил развојот на настаните кои веќе се јасни со децении или барем во последните неколку години.
Американската неподготвеност да предводи светски координиран одговор на кризата не треба да изненадува, затоа што претседателот Доналд Трамп никогаш не ја криеше одбивноста кон мултилатерализмот. Но изненадува што ковид-19 го нагласи степенот до кој таа неподготвеност сега се трансформираше во неможност. Поради неа, владата сега не може да обезбеди целосна федерална помош ни за сопствените сојузни држави, и покрај тоа што Трамп јавно вети помош за Северна Кореја, Италија, Франција и Шпанија. Важно е да се истакне дека неможноста е резултат на колективната демократска одлука. Колку американските гласачи се задоволни од последиците од неговиот избор (федералната власт која личи на пропадната држава во одговорот на пандемијата) ќе одредат дали абдикацијата од светското лидерство е привремена состојба за Америка и за светот.
Исто така не изненадува немоќта на ЕУ да го води европскиот одговор, а камоли светскиот. Членките на ЕУ првично сами дејствуваа без никаква координација или солидарност. Откако стивна првичната паника, националните влади успеаја да координираат колективен одговор со патните забрани на ниво на ЕУ. Брисел ги стопираше правилата за ограничување на буџетските дефицити и јавните долгови за државите да можат да воведат поголеми пакети за економска помош. Но, ЕУ сепак треба да најде механизам и за колективниот долг, кој ќе им овозможи ликвидност на најслабите членки и покрај противењата на Германија и на Холандија. Секаква неопходна помош беше направена на билатерална основа.
Тешкотиите на Европа делумно се должат на капацитетите како јавното здравство кое не е во институционалниот домен на ЕУ. Европските лидери како францускиот претседател Емануел Макрон силно се залагаа за амбициозната визија ЕУ да стане трета светска сила покрај САД и Кина. Но долгорочните последици од претходните неуспеси на ЕУ, како подемот на евроскептиците и недостигот на солидарност, продолжуваат да ја кочат идејата за лидерство во Европа, па и во светот.
Што се однесува до Кина, избрзани се првичните процени дека ќе го промени светскиот поредок. Откако беше осудена зашто го игнорирала и го прикривала ширењето на вирусот, Кина беше пофалена за воведувањето на драконски мерки за карантин на градот Вухан и околната провинција што се чини дека дадоа резултат. Потоа Пекинг испрати низа на пакети со хуманитарна помош за европските и африканските земји за да се наметне во улогата која обично ја играат САД.
Но, последователните случувања ја поткопаа користа која Кина се надеваше дека ќе ја има од хуманитарните гестови. Во обидот да ја избегне вината од првичното прикривање на болеста, кинеските власти објавуваа теории на заговор дека наводно вирусот потекнувал од американската војска. Во меѓувреме во Европа се јавија случаи за неисправна и небезбедна медицинска опрема која Кина ја донирала или продала, вклучувајќи маски и комплети за тестирање. Неодамна нови извештаи ги поттикнаа сомнежите за размерот на првичната бројка на заразени во Вухан, како и веродостојноста на официјалниот број на случаи во Кина.
Од практични причини во вакво кризно време, развиените европски земји и Југот во светот и натаму ќе ја прифаќаат кинеската помош, но тоа не значи дека ќе застанат зад кинеското лидерство во новиот светски поредок откако ова ќе заврши. Како резултат на тоа, Род Лајонс за австралискиот институт за стратегиска политика напиша дека актуелната криза само ќе ги засили тековните трендови на стратегиски натпревар меѓу САД, Европа и Кина наместо радикално да ги промени. И во тој случај, во ваквата чудна конкуренција секој сака да има предност пред другиот, но не сака да покаже светско лидерство.
Колективниот одговор ќе биде особено важен кога станува збор за помош на најсиромашните и најпогодените држави и населенија. Најдобрата и можеби единствената надеж против заканата од светските димензии на коронавирусот е да се даде еднаков светски одговор.
Превод: Билјана Здравковска