Истражувањето што го спроведе група научници на Универзитетот во Хонгконг донесе интересни сознанија што го потврдуваат ефектот од носење заштитни маски во периодот на ширење на коронавирусот. Резултатите покажале дека преносот на вирусот бил намален за повеќе од 60 проценти откако биле поставени маски помеѓу кафези со заразени и незаразени експериментални животни
Пандемијата на коронавирусот ја крена научната јавност на нозе и ја стави пред предизвикот како да се најде ефикасен лек за спречување на нејзиното ширење, но и делотворна вакцина, која ефикасно превентивно ќе ја совлада оваа најнова закана за човештвото. Обичниот граѓанин се соочи со дилемата како да се однесува, особено откако средствата за информирање, а уште повеќе социјалните мрежи се буквално преплавени со најразлични согледувања и толкувања за коронавирусот, неговите својства, вирулентноста, заштитата од него и слично. Написите се движат во дијапазон од стручни анализи на врвни светски научници, па до прогласи на сејачи на магла што токму сега наоѓаат плодна почва да ги пласираат своите теории, кои најчесто немаат никаква реална подлога, а во стравот пред непознатото на некои од луѓето им изгледаат прифатливо.
Маските – една од првите заштитни мерки
Во една таква ситуација, како посебен феномен се наметнаа заштитните маски за кои здравствените работници уште од самиот почеток инсистираа дека се основно средство, покрај редовното и зачестено миење на рацете, со кое секој од нас може да му се спротивстави на пробивањето на коронавирусот. Најголемиот дел од нас го прифати ова толкување и редовно и дисциплинирано ги користи заштитните маски секогаш кога е надвор од дома, а особено ако е во близина на други лица.
Сепак, постојат и оние другите, а се присутни и во нашата средина, кои се обидуваат да се борат со коронавирусот на свој начин, па не се придржуваат до оваа препорака и не секогаш ги користат маските, па дури и отворено се спротивставуваат на ваквата појава. Деновиве научниците од Универзитетот во Хонгконг излегоа пред јавноста со резултатите од своето истражување, со кое на јавноста ѝ се презентираат дополнителни елементи во полза на користењето заштитни маски.
Студија што преку научно засновани експерименти ја покажува ефикасноста на маските
Имено, групата научници од Хонгконг во неделата ги објавија резултатите од тестовите што биле направени врз лабораториски глувци во врска со ефектите од носење заштитна маска. Според ова истражување, со употребата на маски, значително е намалено ширењето на коронавирусот.
Ова е една од првите студии што испитуваат дали со носењето маски може да се спречат коронавирусните носители, без оглед дали имаат симптоми или не, да заразат други луѓе. Под раководство на професорот Јуен Квок-Јунг, кој е признаен експерт за коронавирус, научниците поставиле кафези со претходно заразени лабораториски глувци во близината на кафези со здрави глувци. Хируршките маски биле поставени помеѓу двата кафези со проток на воздух од заразените животни кон здравите. Резултатите покажале дека преносот на вирусот бил намален за повеќе од 60 проценти откако биле поставени маските помеѓу кафезите. Две третини од здравите лабораториски глувци биле заразени во рок од една недела по отстранувањето на маските.
Стапката на инфекција е намалена за нешто повеќе од 15 проценти кога маските биле поставени на кафезот од заразените животни и на 35 проценти кога биле ставени на кафезот на здравите животни.
– Од сето ова станува јасно дека е најважно заразените лица да носат маски – истакнал Јуен пред новинарите.
По сето ова, работите стануваат уште појасни, не само за научната јавност туку и за сите нас, па дури и за оние скептиците што се држеа до некои свои правила и не сакаа да ги користат маските како што препорачуваат лекарите.
Науката го кажува своето, останува само да се придржуваме до препораките секогаш и секаде, бидејќи засега тоа е единствениот ефикасен начин да се справиме со пандемијата. Веројатно до пронаоѓањето ефикасен лек или вакцина во сила ќе останат препораките за одржување физичко растојание, за редовно и зачестено миење на рацете со сапун и, секако, носење заштитни маски. Ако сакаме да го зачуваме нашето здравје, но и здравјето на сите околу нас.