Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, во четвртокот објави 220 милиони евра помош за прекуграничен транспорт на луѓе кои страдаат од ковид-19 со цел да се спречи колапсот на здравствениот систем во најзагрозените членки на ЕУ.
– Комисијата ќе мобилизира 220 милиони евра за прекуграничен трансфер на болни – рече претседателката на Европската комисија на прес-конференција по виртуелниот самит на лидерите на ЕУ кои разговара за епидемиолошката состојба.
Таа посочи дека состојбата со пандемијата од Ковид-19 е загрижувачка и дека е потребно брзо да се дејствува.
– Ширењето на инфекцијата ќе ги преплави нашите здравствени системи ако не постапиме брзо – рече фон дер Лајен.
Таа истакна четири елементи за успешна борба против пандемијата: споделување најдобри практики, масовно тестирање, апликации за следење на контакти и вакцинации.
Фон дер Лајен кажа и дека Комисијата преговара со четири фармацевтски компании за обезбедување на вакцини против Ковид-19.
Таа додаде дека вакцината, откако ќе се верификува, ќе биде дистрибуирана истовремено до сите земји-членки, во количини во согласност со нивниот удел во вкупното население на Унијата.