Европската комисија усвои правило за задолжително одобрение за извоз на вакцини против ковид-19 за оние што се произведуваат на територијата на ЕУ и кои се однапред договорени.
Комисијата наведува дека земјите од соседството на ЕУ и оние опфатени со механизмот „Ковакс“ ќе бидат изземени од таа мерка.
– ЕУ целосно ќе ги почитува своите хуманитарни обврски и ќе обезбеди вакцини ветени на други земји – наведе Комисијата.
Потпретседателот на ЕК, Валдис Домбровскис, рече дека мерката за авторизација на извоз е донесена по итна постапка, а целта е веднаш да се обезбеди целосна транспарентност во врска со производството на вакцини и нивната испорака, но и да се обезбеди испорака на нарачани вакцини од страна на ЕУ.
– Вакцините се клучни за закрепнување на економијата и завршување на пандемијата. Испораката до нашите граѓани е најважната задача во моментот. Сакаме да обезбедиме да се почитуваат сите договори за однапред порачани вакцини – нагласи Домбровскис.
ЕК наведува дека оваа мерка е ограничена до крајот на март и дека се однесува исклучиво на вакцините против Ковид-19 договорени во потпишаните договори за набавка.