Кој ќе ја добие прв вакцината против коронавирус? Извесно е дека геополитиката и парите ќе имаат голем удел во одговорот на тоа прашање, пишува „Политико“.
Не станува збор само за заштита на здравјето на популацијата, туку вакцината ќе биде од пресудно значење за закрепнувањето на економиите, според многумина експерти. Светските лидери го знаат ова, па затоа богатите држави приграбуваат стотици милиони дози на потенцијални вакцини со пренарачка, обложувајќи се дека избраниот меѓу водечките кандидати за развој на вакцина ќе биде успешен.
Суери Мун, кодиректорката на Глобалниот здравствен центар на женевскиот Институт за меѓународни и развојни студии ги нарекува овие кандидати „стратешки капитал“, во рангот со „воени оружја“. Според неа, добивањето пристап до вакцината дава шанса за зацврстување на меѓународните врски, за подобрување на политичката положба и за престиж.
Уште пред вакцините да бидат произведени случени се зделки вредни милиони, дури и милијарди евра. Обединетото кралство обезбеди 30 милиони дози од потенцијалната вакцина на „БиоНтех“ и на „Фицер“, има засебна зделка со „АстраЗенека“ за 100 милиони дози и уште еден договор со „ГСК“ и „Санофи“ за 60 милиони дози. „АстраЗенека“ исто така има договори со уште четири држави од ЕУ – Холандија, Германија, Франција и Италија, за купување на вкупно 400 милиони дози.
САД пак склучија три договори – со „БиоНтех“ и „Фицер“ (вреден безмалку две милијарди долари) за 600 милиони дози, со „АстраЗенека“ за 300 милиони дози и со „Новавакс“ за 100 милиони дози.
Турканицата помеѓу богатите држави за вакцини е „катастрофална на меѓународно ниво“, како што истакна Мун.
– Тоа значи дека ќе бидат преостанати малку вакцини за остатокот од светот и за државите кои немаат пари или домашни капацитети за производство, за да добијат пристап до вакцината – вели таа.
Установата задолжена за организација на дистрибуцијата на вакцините против ковид-19 е позната како КОВАКС. Нејзина цел е да се спречи повторување на мешаницата од 2009 година за обезбедување на вакцините против свински грип, што резултираше со стекнување на голем удел од богатите држави, оставајќи ги посиромашните без вакцини.
Фармацевтската индустрија е свесна за можното повторување на ваквата ситуација. Но засега, богатите држави дадоа ветувања за солидарност. Германската канцеларка Ангела Меркел ја опиша идната вакцина „како добро за јавното здравје и за човештвото“, додека претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лејен кажа оти вакцината мора да биде по достапна цена за „секој ќош од светот“.
Проблемот, според Мун, се јавува бидејќи нема глобален ентитет со доволна моќ и авторитет што би можел да осигури функционален систем за еднаква дистрибуција на вакцината. КОВАКС се обидува да го постигне ова, но учеството е врз доброволна база.
Сепак, постои согласност за тоа кој треба да ја добие вакцината прв – здравствените работници, повозрасните и ранливите категории со хронични здравствени проблеми, според планот на Светската здравствена организација. Се смета дека правичната распределба на вакцините ќе биде клучна во борбата против пандемијата.
– Тоа е најбрзиот начин за ставање крај на пандемијата. Додека сите луѓе во сите држави не бидат заштитени од ковид-19, сите сме изложени на ризик – заклучува Чарли Велер од програмата за вакцинација „Велком траст“.