Едно правило за нив. А друго правило за сите нас. Како што британскиот премиер Борис Џонсон и неговиот главен помошник Доминик Камингс открија на своја штета, со јавното мислење пред зовривање поради лицемерието, обвинувањата за двојните стандарди го претставуваат моментно најтоксичниот проблем во британската политика, пренесува „Политико“.
Творецот на брегзит Камингс беше поларизирачка фигура со години. Но откритијата од изминатиот викенд дека тој наизглед ги прекршил мерките за карантин, лошо поминаа кај многу Британци, без разлика на нивната политичка определба.
Премиерот ги бранеше постапките на неговиот помошник, велејќи дека тој постапил „одговорно и законски“, веројатно калкулирајќи дека фуриозната политичка реакција е прифатлива за задржување на услугите на неговиот советник од најголема доверба.
Но, перцепцијата за двојните стандарди за моќните поттикна остра реакција и надвор од Обединетото кралство. Политичарите и претставниците на власта што ги игнорираат правилата за карантин ги иритираа граѓаните ширум Европа. А некои од нив одлучија дека барањето прошка е подобра стратегија отколку да се обидат да претуркаат преку проблемот.
Австрискиот претседател Александер Ван дер Белен во неделата се извини откако тој и неговата сопруга беа фатени од полицијата како го прекршуваат полицискиот час во ресторан.
Рестрикциите на Австрија вклучуваат задолжително затворање на рестораните и баровите во 23 часот, но полицијата соопшти дека претседателот и првата дама имале пијачки на масата по полноќ.
– Загубивме поим за времето додека разговаравме и за жал направивме превид колку е часот. Искрено жалам. Тоа беше грешка. Ако ресторано претрпи штета поради ова, јас ќе преземам одговорност за неа – напиша Ван Дер Белен на Твитер, кој посочи оти тоа била негова прва посета на ресторан откако почнал карантинот, заедно со неговата сопруга и со двајца пријатели.
Престапот на претседателот уследи неколку дена откако австрискиот канцелар Себастијан Курц беше принуден да се извини бидејќи се појави без маска меѓу топпа од луѓе во село во близина на германската граница.
Претходно месецов, во Германија, лидерот на партијата ФДП Кристијан Линднер беше забележан како се гушка со пријател пред ресторан кој е омилен меѓу берлинската елита. Откако германските медиуми известија за инцидентот, Линднер се извини на Твитер. Но тој не беше првиот германски политичар што ги прекрши превентивните мерки.
Претходно, премиерот на сојузната држава Саксонија, Михаел Кречмер беше забележан како разговара со демонстранти во Дрезден без да носи маска, додека премиерот на Тунгирија, Бодо Рамелоу, призна дека ги прекршил прописите кога присуствувал на погреб на негов сосед.
Минатиот месец полскиот премиер Матеуш Моравецки и уште претставници на владејачката партија на Правото и правдата (ПиС) се сообраа да ја одбележат годишнината од смртта на претседателот Лех Качински кој настрада во авионска несреќа во 2010 година. На церемонијата на положувањето на венците, ниту премиерот ниту другите присутни не носеа маски, ниту се придржуваа до прописите за социјално дистанцирање. Во друг инцидент минатата недела, полскиот премиер јадеше во новоотворен ресторан, без да практикува социјално дистанцирање.
Шпанскиот заменик-претседател Пабло Иглесијас беше критикуван во март поради прекршување на препораките за самоизолација, присуствувајќи на владините средби. Партнерката на Иглесијас, министерката Ирене Монтеро, во тоа време беше тестирана позитивна на коронавирус и веќе се наоѓаше во карантин, доведувајќи до загрижост дека Иглесијас може несакајќи да ги зарази другите членови на владата. Минатиот месец тој ги игнорираше и препораките за носење маска, одејќи во супермаркет без да го прекрие лицето.
Ова се само дел од примерите во кои непридржувањето на европските политичари кон превентивните мерки или препораки предизвика незадоволство во јавноста, поттикнувајќи ги обвинувањата за двојни стандарди во пандемијата.