Шарени пешкири ја красат плажата на езерото Сторсјон, кое се наоѓа на два часа возење од Стокхлом. Летувањето во својата земја е хит ова лето, благодарение на низата ограничувања за патување, кои за Шведска ги воведоа другите земји.
Повеќе од 5.500 луѓе починаа од ковид-19 во оваа земја, која има околу десет милиони жители, што е една од највисоките стапки на смртност во однос на бројот на жители во Европа. За разлика од Шведска, другите нордиски земји воведоа изолација веднаш по појавувањето на пандемијата, пишува Би-би-си.
Најновите бројки покажуваат дека Шведска станува сè подобра во справувањето со вирусот. Бројот на смртни случаи во текот на месецов беа едноцифрени, за разлика од април, кога во просек дневно починуваа по 100 луѓе.
– Мислам дека конечно се наоѓаме онаму каде што се надевавме. Нема цврсти докази дека изолацијата ќе направеше голема разлика – вели Андрес Тенгел, епидемиолог, кој ја води државната стратегија во борбата со коронавирусот.
Како изгледаше шведската стратегија?
Од почетокот на пандемијата, Шведска се потпираше на доброволни мерки за физичка дистанца, вклучувајќи го и работењето од дома, како и избегнување на јавен превоз. Постоеше забрана за собирање на повеќе од 50 луѓе, а во рестораните смееше да се седи само на маса.
Оваа необична стратегија наиде на бројни критики ширум светот.
Дали Швеѓаните се подобри во социјалното дистанцирање?
Андрес Тенгел тврди дека во просек Швеѓаните имаат 30 отсто помала социјална интеракција во однос на времето пред пандемијата.
Анкетата што неделава ја објави шведската Агенција за граѓански вонредни ситуации, покажува дека 87 отсто од популацијата продолжила да ги следи препораките за физичка дистанца.
Меѓутоа, иако Швеѓаните се запознаени со мерките, постојат примери каде што имаше масовни собирања и гужви во трговските центри.
Дали Шведска постигна колективен имунитет?
Шведските власти никогаш не изјавија дека целта им е да постигнат колективен имунитет, меѓутоа тврдеа дека со неригорозните мерки може полесно да се развие отпорност кон вирусот.
После пет месеца од почетокот на пандемијата во Европа, познато е дека само шест отсто од шведската популација поседува антитела, според истражувањата на Шведската агенција за јавно здравје.
Меѓутоа, Андрес Тегнел смета дека вистинската бројка е многу поголема, затоа што е многу тешко да се „измери имунитетот“.
Епидемиологот укажува на неодамнешното истражување, кое покажало дека луѓето што биле негативни на тестот за антитела од коронавирусот, имале специфични Т-клетки. Станува збор за клетки што ги идентификуваат заразените клетки и можат да создадат имунитет.
Во однос на шведската економија, таа годинава бележи пад од само пет отсто, што е помалку во однос на земјите што се тешко погодени од ковид-19, како што се Италија, Шпанија и Велика Британија.
Рестораните, продавниците и теретаните беа отворени, ама тие, сепак, имаа проблем да привлечат муштерии.
Само 45 отсто од Швеѓаните велат дека имаат доверба во способноста на владата да излезе на крај со пандемијата. Довербата во Агенцијата за јавно здравје, исто така, е намалена.