Автор: Андреас Клут

Блумберг

Еден несакан ефект на ковид-19 е зајакнување на тенденцијата кон национализмот што го нарушува концептот за „наднационалност“ на ЕУ

Ковид-19 е особено ризичен за постарите лица и оние со хронични болести. Овој опис важи и за Европската Унија (ЕУ) која постои шеесет години и повеќе од една деценија влегува од криза во криза. Институционално, ако не и епидемиолошки, ЕУ е поизложена на вирусот отколку повеќето држави.

По нејзиното формирање во 50-тите години на минатиот век, европскиот клуб по дефиниција беше замислен како постнационален проект, односно „наднационален“, според бриселскиот бирократски жаргон. Членките ветија дека ќе ги испреплетат своите судбини во заедничка солидарност. Тие дури се согласија постепено да се откажат од државниот суверенитет во име на заедничкиот идентитет како Обединети Држави на Европа. Тоа е значењето на концептот за „најблиската унија“ наведен во основачките договори.

Во реалноста, внатрешната европска солидарност е под удар на пандемијата, а национализмот повторно се јави во форма на еднострани и некоординирани одлуки на членките. На пример, Германија ги разгневи Австрија и Швајцарија со запирањето на извозот на заштитни маски за соседните земји. Неколку држави воведоа рестрикции на извозот, скриени во неразбирливте закони, за медицинска опрема од заштитни очила до ракавици и респираторни машини. Италија особено се чувствува предадено. Кога првпат се обиде да се повика на европскиот механизам и да побара медицинска помош, ниедна членка не одговори на апелот. Иронично, само Кина испрати помош.

Потоа се затворија државните граници дури во самата Шенген-зона. Епидемиолошката причина за такво затворање на границите е многу помала од други форми на социјално дистанцирање, како откажување на саеми или домашна самоизолација. Ако вирусот кружи меѓу населението на двете страни од границата, како со коронавирусот, забраната за патување меѓу државите нема да го ограничи ширењето на болеста. Во тој случај, Германија може слободно да ја „затвори“ демаркацијата меѓу Баварија и Тирингија или меѓу другите покраини.

Но во кризни времиња, кога државите не сакаат да изгледаат слаби, затворањето на границите им дава предност да се покажат како одлучни. Токму затоа, иако доцна, ЕУ почна да ги презема мерките, да бара од членките да ги затворат надворешните граници на блокот за 30 дена. Повеќето од нив веќе ја воведоа оваа мерка. Предлогот на ЕУ повеќе е апел до членките да го зачуваат европскиот „единствен пазар“ на стоки, услуги, работна сила и капитал.

Очигледната порака е дека кога Европа како целина е ставена на тест, таа никогаш не покажува добри резултати. И потоа сè се враќа кај нациите – солидарноста, сојузот и одлучувањето.

Во тој поглед, ковид-19 е поекстремна верзија на бегалската криза од 2015-16 година. Тогаш ЕУ исто така не успеа да најде заеднички одговор за мигрантите. Наместо тоа, поединечни држави од Унгарија до Австрија еднострано решија да ги затворат границите. ЕУ сè уште не го подобри нејзиниот систем и затоа се соочува со нов бран предизвици.

Освен ако европските лидери некако не изнајдат начин да се справат со пандемијата, еден заклучок на обичните граѓани од ковид-19 е дека ако е потребно самите нации ќе реагираат брзо и храбро за да ја заслужат нивната доверба. Така, Италијанците за време на карантинот ќе ги истакнат боите на своето знаме наместо ѕвездите на Унијата и ќе покажат каде е вистинската солидарност. Секој неуспех на ЕУ во преземањето мерки или солидарност ќе биде награда за популистите, националистите и евроскептиците од Италија до Унгарија и Германија.

Превод: Билјана Здравковска