Во Чешка, ноќеска на полноќ, повторно во сила е вонредна состојба поради големиот пораст на бројот на заболени со коронавирус.
Владата на премиерот, Андреј Бабиш, донесе одлука за прогласување вонредна состојба, што значи повторно ограничување на собирите и зголемување на казните за оние што ќе ги прекршат епидемиолошките мерки.
Во Чешка вонредната состојба траеше од средината на март до средината на мај, но овој пат границите ќе останат отворени. Во однос на настаните и собирите, максималниот број учесници ќе биде десет во затворени простории и дваесет на отворено. Професионалните спортови ќе бидат без гледачи, а бизнисите, продавниците и рестораните не се опфатени со новите правила.
Нов рекорден број на случаи на дневно ниво беше постигнат во петокот – 3.792 случаи.
Според Европскиот центар за контрола на болести, во последните 14 дена во Чешка биле заразени 303,3 лица на 100.000 жители. Само во Шпанија, според овој параметар, ситуацијата е полоша, бидејќи има просек од 319,3.
Чешка, земја со нешто повеќе од 10 милиони жители, досега има потврдено 82.446 заболени и 727 починати.