Актуелните протести за Џорџ Флојд во десетици американски градови и во неколку града во Европа ги засилија стравувањата дека наскоро може да следува силен повратен ударен бран на нови инфекции од коронавирусот.
Илјадници демонстранти, од кои многумина не носеа заштитни маски, се собираа и маршираа без одржување физичка дистанца. И Светската здравствена организација и сите национални здравствени власти, кризни штабови, но што е најважно и здравствените експерти, еднодушно предупредуваат дека САРС-КоВ-2, вирусот што ја предизвикува болеста ковид-19, се пренесува првенствено преку респираторни капки, кои се шират низ воздухот додека луѓето зборуваат, кашлаат или киваат.
Масовните собирања на отворено се опасни
„Збиените масовни протести, како и сите големи собири каде што луѓето се блиску едни до други, може да придонесат за полесно ширење на ковид-19. Затоа е многу важно учесниците да носат маски, заштита за очи и гел за дезинфекција на рацете“, напиша во својот мејл испратен до „Вашингтон пост“ Саскиа Попеску, епидемиолог од универзитетот „Џорџ Мејсон“ во Вирџинија.
Досега во САД коронавирусот предизвика смрт кај повеќе од 100.000 луѓе. Притоа, постојат сериозни докази дека граѓаните со афроамериканско потекло беа повеќе погодени и се наоѓаат под поголем ризик од инфекција. Протестите во чест на Џорџ Флојд почнаа во периодот кога многу американски држави почнаа со постепено отворање на деловните објекти и јавните простори, по повеќенеделното придржување до мерките за домашна изолација.
Изминатиов викенд градоначалникот на Лос Анџелес, Ерик Гарчети, предупреди дека протестите би можеле да станат плодна почва за експресно ширење на заразата. Истовремено, Киша Ленс Ботомс, градоначалничката на Атланта, излезе со совет до протестантите, во кој им сугерира да се тестираат на ковид-19 во текот на неделата.
Одредени медицински експерти истакнаа дека е добро што протестите се одржуваат на отворено, зашто така вирусот барем нема да може толку лесно да се пренесува од едно на друго лице.
– Воздухот на отворен простор го разредува вирусот и го намалува количеството на инфективниот материјал што се наоѓа наоколу. Во случај да дува и ветер, тој дополнително го разредува вирусот во воздухот, намалувајќи ја така опасноста за помасовна зараза – изјави за „Њујорк тајмс“ д-р Вилијам Шафнер, експерт за заразни болести од универзитетот „Вандербилт“.
Имаше буквално трчање лево-десно, многу раздвиженост, што значи дека луѓето издишуваа подлабоко, но исто така и дека брзо се разминуваа еден со друг, не задржувајќи се долго на едно место.
Јавните собири се „отворена покана“ и за вирусите
Голем број медицински експерти изразија посериозна загриженост поради ризикот од понатамошно ширење на инфекцијата.
– Точно е дека протестите се надвор, но луѓето се навистина многу блиску еден до друг, а во таков случај фактот дека сте на отворено не ве заштитува онолку колку што мислите. Јавните собири се токму тоа – јавни собири. Не е важно заради што протестирате или за кого навивате. Ова е една од причините поради кои сега нема бејзбол-натпревари, а најверојатно нема да ги има ниту на факултетите есенва – предупредува за „Њујорк тајмс“ д-р Хауард Маркел, медицински историчар што се занимава со проучување на пандемиите.
Се чини дека најголемиот дел од толпите протестанти го сочинуваат млади луѓе, кај кои постои најниска стапка на смртност во однос на заразата со ковид-19. Меѓутоа постои голем ризик дека тие би можеле да им го пренесат вирусот на постарите членови во своите семејства, сериозно се предупредува во „Нешанал интерест“.