Само еден ден пред да се потврди првиот смртен случај од коронавирус надвор од Кина, на 2 февруари, беше објавена смртта на влијателниот музичар и гитарист Енди Гил. Шеесет и четиригодишниот лидер на постпанк-групата „Генг оф фор“ почина од пневмонија, откако две недели беше лекуван во болницата „Сент Томас“ во Лондон.
Патот на неговата болест, која сосема ги изненади лекарите што се грижеа за неговото здравје уште од јануари, сега е добро познат: ненадејно влошување на неговата состојба, ниско ниво на кислород и слабост во органите. Тој се разболел откако се вратил од Кина со групата кон крајот на ноември. Набргу потоа, нивниот 26-годишен организатор за турнејата се разболел и завршил во болница во Лидс поради респираторна инфекција.
Кога почнаа да пристигнуваат фотографии од болниците во Кина и во Италија преполни со пациенти заразени со ковид-19, вдовицата на Гил, Кетрин Мајер, писателка и коосновачка на британската Партија за еднаквост на жените, се посомнева дека нејзиниот партнер, со кого била повеќе од 30 години, всушност, бил една од најраните жртви на коронавирусот.
По објавувањето на блогот минатиот месец, Мајер истакна дека испратила е-пошта до пулмологот на Гил и притоа ги поставила своите сомнежи. Лекарот ѝ одговорил: „Ми се чини дека во времето на Енди болеста не ја разбиравме доволно, како и зошто неговата состојба се влоши толку брзо“. Сега, кога се знае повеќе за ковид-19, ми се чини дека е можно Енди да бил заразен со Сарс-КоВ-2.
Генетска анализа на новиот коронавирус сугерира дека тој се префрлил на луѓето во Кина од крајот на ноември или почетокот на декември минатата година. Додека Кина ја известила Светската здравствена организација дека првиот случај е регистриран на 8 декември, податоците на Владата што ги добиле новинарите на „Саут Чајна морнинг пост“ укажуваат дека првиот случај бил забележан уште на 17 ноември.
Првиот официјален случај во Велика Британија е на 31 јануари, од двајца кинески државјани што престојувале во хотел во Јорк, кои биле позитивни на коронавирусот. Но како што кризата напредувала и симптомите од болеста ги запознавала и пошироката јавност, многумина се прашувале дали само тие или и некој нивни близок е заразен со ковид-19.
– Луѓето сега се повеќе свесни за респираторните инфекции и полесно е приказната што ја слушнале да ја стават на вистинска перспектива – вели д-р Стивен Бејкер од Институтот за заразни болести на универзитетот „Кембриџ“.
На крајот на краиштата, настинките, грипот, па дури и пневмонијата се многу чести во зимските месеци. Сепак, без јасни информации за тоа што всушност се случувало во Кина кон крајот на минатата година, тешко е да се знае дали вирусот пристигнал во Велика Британија пред официјално да се регистрираат првите случаи.
– Да речеме дека вирусот се шири низ Вухан без луѓето да бидат информирани за тоа, дали е можно некои од заразените лица да патувале во и од Кина во тој период? Тоа е многу можно. Дали е можно тие да им го пренеле вирусот на други луѓе кога се вратиле во Велика Британија? Да, и тоа е многу можно – вели д-р Бејкер.
На почетокот на мај се појавила вест дека примерок што бил земен на 27 декември од брис кај маж што страдал од пневмонија е позитивен на коронавирус, што предизвика сомневања дека коронавирусот се појавил во Европа многу порано отколку што се мислеше.
Податоците направени од апликациите за следење пациенти со ковид-19, развиени од „Кингс колеџ“ во Лондон, исто така укажуваат дека луѓето биле болни од јануари, но нивната болест не била препознаена, истакна професорот епидемиолог Тим Спектор.
Неодамна беа објавените деталите од состанокот на Британскиот научен совет за вонредни состојби (САГЕ), кои покажуваат дека во јануари организацијата не била во можност да направи план во случај на „најлошото сценарио“ поради сите неизвесности за податоците што доаѓаат од Кина.
На 13 март, една недела пред да се затвори земјата, САГЕ заклучи дека „има повеќе случаи во Велика Британија отколку што се сметаше претходно и дека епидемиолошката крива значително напредува“.
Светската здравствена организација ги повика сите земји да ги испитаат сите сомнителни случаи за подобро да ја разберат циркулацијата на вирусот и апелира до лекарите да ги проверат сите случаи што се болни од пневмонија со неопределено потекло во последните недели од 2019 година. Организацијата за јавно здравје исто така соопшти дека не може да се исклучи можноста дека ковид-19 е присутен во Велика Британија од декември и почетокот на јануари.
Ендру Сопит, пензионер советник во болница од Западен Сасекс, убеден е дека се заразил со коронавирусот за време на зимување во Австрија во јануари. Ски-центрите што ги посетил, Сент Антон и Бад Хофгаштајн, најверојатно биле местата каде што започнала инфекцијата.
– Бев навистина болен. Се чувствував многу лошо. Не можев да станам од кревет. Едвај можев да се качам по скалите. Го изгубив чувството за вкус и мирис. Се потев – рече Сопит.
Тој постојано барал да биде тестиран, но секогаш бил одбиван.
Поранешниот специјалист на интензивна нега на почетокот на мај ги добил резултатите од тестот што си го купил самиот и кој покажал дека имал болест, но не и кога било тоа. Тој, меѓутоа, мисли дека знае кога точно боледувал: „Јас сум апсолутно сигурен дека тоа беше во февруари, по патувањето во Австрија во јануари. Сега е сигурно дека ова било пред да се појават првите официјални случаи.“
Но ако претходно имало инфекции, како е можно вирусот да ескалирал подоцна? Причината за тоа, вели Бејкер, е најверојатно дека бил потребен одреден прилив на заразени лица за да се појави навистина епидемијата.
– Луѓето почнаа да се враќаат од скијање од Италија кон средината на февруари и тоа се првите случаи оттаму. Во моментот кога има одреден број случаи, има локален пренос и се разгорува епидемијата – вели Бејкер.
Но, според Бејкер, не е секој еднакво заразен со коронавирусот, па иако имало повеќе случаи на почетокот од годинава, тие можеби не направиле доволно контакти за да предизвикаат ширење на вирусот.
– Кога сте болни, вие останувате дома, така што луѓето се изолираат затоа што се чувствуваат лошо – додава Бејкер.
Друга можност, вели Натали Мекдермот, која предава за заразни болести на „Кингс колеџ“ во Лондон, е дека вирусот веќе подолго време тлее под површината и не е идентификуван. Како што се смета сега, голем број од заразените се асимптоматски, вирусот може да се шири тивко и да ги достигне поранливите групи во општеството.
– Всушност, постарите лица ќе биде потешко да стапи во контакт со вирусот затоа што тие веќе не одат на работа и не се движат. Така што може да потрае подолго време вирусот да се рашири во заедницата и да ги достигне старите лица – вели Мекдермот.
Идејата дека вирусот се шири во Европа уште од декември и јануари има сериозни импликации во јавното здравство, што е факт што ја натера Кетрин Мајер да ја испита смртта на нејзиниот сопруг. Таа и докторот што го лекувале се надеваат дека ќе можат да направат тест за антитела, за да покажат дали се заразени.
– Колку смртни случаи можеа да се избегнат ако имаше поголема транспарентност и одговорот на јавниот здравствен систем беше побрз и поефикасен, не само во Кина – напиша Мајер.
Во Словенија заврши епидемијата, но никаде без маски
По два и пол месеци, епидемијата на ковид-19 во Словенија е завршена, но не се исклучува можноста од втор бран на инфекција, кој и понатаму останува реална опасност. Затоа на граѓаните им се советува секогаш да имаат маска, соопштија во понеделникот владини претставници.
– Да се има маска на лицето е сè уште задолжително во здравствените установи, при посетата на домовите за стари лица, во јавниот превоз, но секогаш да имате маска со вас е нова реалност на која треба да се навикнете – рече владиниот портпарол за корона-криза Јелко Кацин.
Маската за лице треба да се носи и таму каде што не е можно да се обезбеди физичко растојание од 1,5 метар. Обезбедувањето може да забрани влез во продавниците на лицата без маски, како и сопствениците на угостителските објекти, а работодавците може да го пропишат како задолжителна мерка за работниците.
– Иако епидемијата официјално е прогласена за завршена поради многу малиот број случаи на инфицирани и стабилното подобрување на епидемиолошката состојба во последните две недели, сепак се потребни мерки за заштита, одржување хигиена на рацете, лицата што имаат кашлица треба да се тестираат, исто така и лицата со респираторни симптоми. Вториот бран на инфекција, особено пренесување на заразата од странство, е сè уште реалност, – предупреди на прес-конференција Милан Крек, директор на словенечкиот институт за јавно здравје (НИJЗ).
Министерот за здравство Томаш Гантар предупреди дека треба да се искористи времето до можниот нов бран на инфекција за зајакнување на потребните капацитети во здравството, засновано врз искуството за време на епидемијата.
Кацин истакна дека е при крај изработката на списокот на десетина држави на Европската Унија на чии граѓани ќе им биде дозволено да влезат во Словенија без да бидат во самоизолација, карантин или да достават потврда дека не се заразени со ковид-19.
Во Словенија до вчера беа потврдени 1.473 случаи и 109 смртни случаи од ковид-19.
(„Гардијан“)