Д-р Владимир Микиќ, епидемиолог од Институтот за јавно здравје, вели дека постојат некои претпоставки за тоа дека лицата што ја примиле бесеже- вакцината, како што е случај со регионот на Балканот, вклучувајќи ја и Македонија, каде што сè уште се дава една доза, се поотпорни на ковид-19
Сѐ повеќе светски научни студии покажуваат интересна корелација меѓу бесеже-вакцината против туберкулоза (ТБ) и најновата состојба во светот со коронавирусот. Истражувањата што почнаа да се прават во повеќе научни центри, за да се открие дали оваа вакцина може да дејствува имунолошки кај заразените со ковид-19, откриваат дека во земјите во кои оваа вакцина била задолжителна и со која населението било вакцинирано има помал број на потврдени случаи на заразени од коронавирус, како и помал број на починати во споредба со државите во кои оваа вакцина не била задолжителна. Истите истражувања ги анализираат македонските епидемиолози, кои посочуваат дека луѓето што живеат на овие простори, особено во земјите на поранешна Југославија, ја имаат примено оваа вакцина, а уште се дава една доза од оваа вакцина, па, следствено на тоа, ќе следат како тоа ќе влијае врз оние што заболеле од новиот вирус.
Во една од студиите се вели дека има значајна корелација помеѓу годината на воспоставувањето на универзалната бесеже-вакцинација и стапката на смртност од ковид-19. Односно, колку порано била применета вакцината, толку повеќе е заштитен поголемиот дел од возрасната популација што во минатото ја примил вакцината.
Доколку и клиничките истражувања го потврдат ова, бесеже-вакцината може да биде потенцијално оружје во борбата против коронавирусот.
Вакцината бесеже го зголемува имунитетот кон туберкулоза, бактериска инфекција што се шири преку вдишување ситни капки од кашлање или кивање на заразено лице.
Д-р Владимир Микиќ, епидемиолог од Институтот за јавно здравје, вели оти има индиции дека населението што примило бесеже-вакцина, која се дава против туберкулоза, е поотпорно на коронавирусот.
– Точно е дека постојат некои претпоставки за тоа дека лицата што ја примиле бесеже-вакцината, како што е случај со регионот на Балканот, вклучувајќи ја и Македонија, каде што сè уште се дава една доза, се поотпорни на ковид-19. Претпоставката е дека како имуномодулатор оваа вакцина можеби дејствува на зголемување на отпорноста кон ковид-19. Ќе истакнам дека се работи за многу рана фаза од овие испитувања, за да можеме да донесеме каков било конкретен заклучок или да ја препорачаме како мерка за масовна употреба. Постојат индиции дека тоа е можеби така, како што се впрочем и третманите што се користат, но тоа сè уште е далеку од фаза да биде дефинитивен доказ. Секако, ние како стручна јавност, епидемиолозите и клиничарите, ги следиме сите научни трудови и препораките на референтните институции. Верувајте, сè што е и малку меродавно, ќе биде преземено и кај нас – објасни д-р Микиќ.
Инаку, студија објавена на „МедРхив“, а предводена од Гонзало Отазу, доцент на Њујоршкиот институт за технологија, анализира голем број случаи на ковид-19 во Јапонија и во Јужна Кореја што успеале да ја контролираат болеста. Според Отазу, двете држави имаат универзална политика за вакцинирање со бесеже.
Истражувачите треба да ги искористат тестовите во четири земји. Околу 4.000 здравствени работници во болници низ Австралија и 1.000 здравствени работници во осум холандски болници ќе добијат вакцина или плацебо.
Дополнителни испитувања ќе се одржат во Бостон, Масачусетс и на универзитетот „Ексетер“ во Велика Британија.
Студиите за новороденчиња во Африка откриле дека вакцината бесеже го штити вродениот имунолошки систем на организмот и ги стимулира белите крвни зрнца да се борат со патогени, освен бактеријата ТБ.
Ако биде успешна, тоа може да значи дека вакцината – која чини дури 34 евра за доза – може да обезбеди евтин и лесно достапен метод за отстранување на коронавирусот.