Светот страда, но зраци на светлина се видливи. Неколку вакцини против ковид-19 се во финалните фази од тестирањето. Фабриките веќе произведуваат дози во надеж дека ќе бидат одобрени. Има шанса за почнување на масовното вакцинирање на ризичните категории до крајот на годинава. Иако не смееме да го спуштаме гардот, можно е да се замисли почетокот на крајот на здравствените и економските кризи предизвикани од коронавирусот, пишува генералниот директор на Светската здравствена организација, Тедрос Гебрејесус, во неговата колумна за „Економист“.
А сепак, за брзо и ефикасно сопирање на пандемијата светот треба да се спротивстави на „вакцина-национализмот“. Таквиот пристап нема да стави крај на кризата, туку ќе ја продолжи. Тој ги кани истите проблеми кои беа забележани при почнувањето на карантините во март, кога различни власти се бореа за да обезбедат заштитна опрема. Кога новите вакцини, лекови и тестови ќе бидат достапни, побарувачката ќе биде значително поголема од залихите и ситуацијата би можела да се влоши.
Вакцината против ковид-19 ќе стане вреден ресурс. Ако немаме меѓународен план за нејзино фер менаџирање, ќе има непотребни зголемувања на цените со трупање на залихите на одредени места, додека други се соочуваат со животно загрозувачки недостиг. Тоа не е во ничиј интерес. Иако владите имаат обврска да ги штитат своите народи, реалноста во поврзаниот свет е дека ниту една држава не е безбедна додека сите држави не се безбедни. Малку ќе значи ако едно место се избори со заразата додека таа беснее во близина. Вакцина-национализмот ќе изложи многу држави на продолжено страдање, што ќе значи и побавно економско закрепнување низ светот.
Наместо тоа, неопходна е глобална координација. На тој начин ќе се осигури дека вакцините се дистрибуирани до оние на кои им се најпотребни. Тоа исто така го намалува ризикот за одредена држава, бидејќи ќе обезбеди пристап на државите до повеќе кандидати за вакцина, во случај претпочитаната да не делува. Кооперативниот пристап е морално исправен и паметен начин за напредување. Тој е поефикасен, со помала загуба на животи и со побрзо враќање кон вообичаениот начин на живот.
Засега, потребно е светот да остане внимателен. Иако е можно да се види крајот на кризата, ќе биде потребна уште напорна работа за стигнување до целта. Од критична важност е индивидуалците и државите да не го спуштаат гардот. Уште сме сред опасноста и потребно е лидерите да водат.
Ставањето крај на пандемијата и рестартирањето на економиите е во нашите раце. Во текот на наредните денови одлуката на државите за заедничко користење на вакцините или за задржување на поголеми залихи ќе одреди колку брзо светот ќе излезе од кризата. А би можел да биде и пресуден момент за оваа деценија и за воспоставувањето на нова норма на меѓународна соработка.