Европската Унија и Велија Британија продолжуваат со разговорите за надминување на ќорсокакот во кои се доведоа поради вакцините на „Астра зенека“, пишува „Блумберг“.
Целта е да се избегне ескалација на проблемот во која би можело да дојде до блокирање на извозот на вакцини од фабриката на „Астра зенека“ во Холандија до Велика Британија. ЕУ верува дека фармацевтската компанија го пребукирала производството, односно дека и Брисел и Лондон имаат основани барања. Претставниците на Унијата затоа предложиле поделба на произведените вакцини со Британија, според дипломати упатени во состојбата.
Британија испрати поранешен амбасадор да преговара со Европската комисија за прашањето на вакцините. А британскиот премиер Борис Џонсон, кој веќе разговарал со европските колеги, истакна дека избегнувањето на блокадите за снабдување со вакцините е од клучно значење бидејќи кампањите за имунизација бараат меѓудржавна соработка.
Вакцината на „Астра зенека“, една од четирите одобрени во ЕУ, имаше проблеми со производството во јануари, пред да биде привремено суспендирана во повеќе држави во ЕУ поради стравувања за појавата на згрутчување на крвта кај оние што ја примиле. Таа доби одобрување од Европската медицинска агенција, по што беше соопштено дека земјите во ЕУ ќе продожат да ја користат. Сега се очекува компанијата да достави 30 милиони дози во ЕУ до крајот на месецов, што е половина од нејзината првично договорена обврска.
Се очекува и лидерите на ЕУ да истакнат дека забрзувањето на производството и доставата на вакцините се клучни за надминување на кризата, на состанокот кој треба да се одржи неделава. Велика Британија е државата надвор од ЕУ која треба да добие најголем дел од вакцините произведени во европскиот блок, вкупно 10 милиони од 42-та милиони дози извезени од ЕУ до минатата недела. Од друга страна, се зголеми загриженоста за прашањето на реципроцитет, бидејќи амбасадорите на ЕУ добија информација оти во Унијата нема увоз на вакцини од Велика Британија. „Астра зенека“ пак, соопшти дека се придржува до првичните обврски за испорака.