Автор: Ендру Е. Крамер
Њујорк тајмс
Со голема помпа рускиот претседател Владимир Путин и останатите владини претставници соопштија овој месец дека милијарда дози на руската вакцина против новиот коронавирус наскоро ќе бидат пуштени во употреба, со што наводно, ќе се стави крај на најлошата пандемија во изминатите сто години. Но наместо да добијат пофалби затоа што го спасиле светот со вакцината наречена „спутник 5“, руските здравствени власти беа ставени во позиција да се бранат.
– Некои странски колеги кои сигурно почувствуваа одредена конкурентност од рускиот производ изразија мислења кои ние ги сметаме за целосно неосновани – изјави на прес-конференција во Москва рускиот министер за здравство Михаил Мурашко.
Повеќето од овие „мислења“ се базирани на фактот што „спутник 5“ не влезе во последната фаза од тестовите кои опфаќаат масовни, случајни контролни тестови кои се од клучно значење за одредување на безбедноста и ефикасноста на вакцината. Со прескокнување на оваа фаза, Русија потенцијално ги загрозува луѓето за да добие поени во пропагандата, како што предупредуваат здравствени експерти. Руските научници ги отфрлија таквите критики како љубомора. Александар Гинзбург, директорот на институтот „Гамалеја“, односно научното тело кое ја изготви вакцината, изјави дека негативните коментари биле само „една борба за удел на пазарот“ на вакцини против коронавирусот.
– Ние сме сигурни дека ја имаме најдобрата, најмногу тестирана и ефикасна вакцина во светот. Нашите конкуренти ова добро го знаат и стравуваат од силна руска позиција на пазарот на вакцини – порача Кирил Дмитриев, шефот на државниот инвестициски фонд кој ја финансираше вакцината.
Најголемите светски сили се во трка за да развијат и произведат вакцина, со која, ако биде успешна и прифатена меѓу нивните граѓани и другите држави, ќе добијат геополитичка и економска предност покрај престижот. САД вложија милијарди долари во „Операцијата ворп-брзина“. Во моментов, осум вакцини се во понапредна фаза на тестирања за разлика од руската, меѓу кои оние на „Модерна“ во САД, на универзитетот „Оксфорд“ и на „Астра зенека“ во Велика Британија, како и неколку во Кина.
Вакцините генерално минуваат низ три фази на човечки тестирања пред да добијат одобрување. Последната фаза исто така ги истакнува можните несакани ефекти како појава на посериозна форма на ковид-19 кај поранливите лица. Русија овој месец ја започна последната фаза од тестирањата откако ја одобри вакцината.
Дмитриев, кој е инвеститор на вакцината, порача дека руските научните имале доверба во неа затоа што го користеле истиот пристап како кај успешната вакцина против ебола. Почнувајќи од минатиот септември, само неколку месеци пред појавата на пандемијата, тие случајно во клинички тестирања проучувале вакцина против МЕРС кој е предизвика од сличен коронавирус. Русија е во преговори за извоз на вакцината или за лиценцирање на производот во 20 земи меѓу кои Бразил, Куба, Филипини и Саудиска Арабија. Министерството за здравство соопшти дека првите дози ќе ги примат руските медицински работници и наставниците, а Путин изјави дека една од неговите ќерки веќе била вакцинирана.
Но дури и руските доктори се држат настрана. Претседавачот на комитетот за етика во министерството за здравство, д-р Александар Чучалин, даде оставка откако министерството беше во процес на одобрување на вакцината. Чучалин одби телефонски да даде одговор на поставените прашања. Во една анкета на Интернет, само 24 отсто од 3.040 доктори одговориле дека ќе ги вакцинираат своите пациенти. Четири руски синдикати на доктори и наставници им порачаа на своите членови да не ја примаат вакцината.
Невообичаениот пат до одобрување на вакцината е вкоренет во долгата историја на Русија во развој на вакцини. Во 1950-тите години, едно семејство на руски научници на своите деца тестираше нешто што на крајот се покажа како успешна вакцина против детска парализа. Таквото брзо одобрување „не беше направено од чист интерес, туку отсекогаш така се постапувало во кризни времиња“, како што смета пензионираниот доктор Бутенко, кога ризикот од новата вакцина се мери со штетата што може да ја нанесе една епидемија.
Досега, научниците не открија некакви показатели дека вакцините против новиот коронавирус би можеле да предизвикаат засилување на болеста, како што во едно телефонско интервју истакна Јохан Нејтс, професор по вирологија на универзитетот во Левен, Белгија, но дека „сепак треба нешто да се има предвид“.
Една причина за загриженост, како што тој истакна, е децениското истражување на холандските виролози кои развија експериментална вакцина против еден вид на коронавирусот со кој се заразуваат мачки. Кога животните биле последователно изложени на мачешкиот вирус, тие умирале побрзо од мачките кои добиле плацебо. Во нивното истражување што беше објавено во списанието за вирологија во 1990-тите години, истражувачите го нарекоа „ран синдром на смртност“. Доктор Нејтс вели дека „ова била една од причините зошто сите се внимателни“.
Превод: Билјана Здравковска