Словачка успеа да тестира за коронавирус повеќе од 3,6 милиони луѓе за два дена, што претставува две третини од нејзината популација, додека повеќето светски држави имаат потешкотии да го спроведуваат тестирањето, пренесува Си-ен-ен.
Европската држава одлучи да го оствари подвигот за тестирање на сите над 10-годишна возраст поради зголемениот број на случаи на ковид-19, во рамки на акцијата „Заедничка одговорност“ која претставува прв ваков обид за масовно тестирање во Европа. Нешто преку еден отсто од тестовите беа позитивни, односно вкупно 38.359 лица, според официјалната интернет-страница со резултатите.
Програмата почна на 23 октомври во Орава и Бардjејов, двата региони со најголем број на случаи на ковид-19 во државата. Речиси 141 илјада луѓе, односно 91 отсто од населението од двата региона со право на учество, беа тестирани во рок од три дена. Во останатиот дел од Словачка тестирањето се одвиваше во текот на изминатиот викенд. Во спроведување на акцијата учествуваше и словачката армија.
Владата ги охрабри граѓаните доброволно да се тестираат, а изземени од тестирањето беа лицата над 65-годишна возраст кои го поминуваат поголемиот дел од времето дома, луѓето со инвалидитет, пациентите со рак и други ранливи категории.
Тестирањето беше доброволно, а оние кои одлучија да го прескокнат ќе треба да се придржуваат кон построги рестриктивни мерки и нема да можат да ги напуштаат домовите со исклучок за извршување на неопходните активности.
Оние, пак, кои беа негативни на коронавирус на тестирањата, нема да треба да се придржуваат кон настрогите мерки, се додека можат да го докажат негативниот статус со официјална потврда. Позитивните случаи одат во карантин.
Словачката програма користеше тестови кои дааат резултати во рок од неколку минути. За разлика од ПЦР-тестовите, користените антиген-тестовите не треба да бидат обработени во лабораторија, па се побрзи и поевтини.
Словачкиот премиер Игор Матович ги пофали учесниците во акцијата. Тој истакна и дека заштитните маски ќе останат задолжителни на јавните површини во Словачка која досега забележа 219 смртни случаи и 61.829 заразени од ковид-19.