Во пресрет на одбележувањето на Денот на Европа, за актуелните прашања и предизвици со кои се соочува Европа и регионот разговараме со францускиот амбасадор во Македонија, Кристијан Тимоние
Интервју со францускиот амбасадор во Македонија, Кристијан Тимоние
Европа го одбележува Денот на победата над фашизмот, но оваа година, за разлика од минатото, во една поинаква и специфична атмосфера. Ако овој јубилеј се празнуваше како победа над тиранијата и заканата на мирот, сега сите се соочуваме со една друга пречка, предизвикана од вирус. Што сметате, како светот предводен од големите држави, вклучувајќи ја и Франција, ќе се справи со оваа најнова криза ?
– Победата во 1945 година беше извојувана благодарение на сојузот на нации и држави што ги здружија своите ресурси за да уништат еден систем што не беше компатибилен со вредностите врз кои се темели човештвото. Денешниот предизвик не е политички, туку здравствен, но соочувањето со него се темели врз истиот дух на соединување, со кој се надминуваат нашите разлики против злото што ги загрозува животите, но и нашиот начин на живеење. Поради таа причина, Франција повикува на максимална солидарност на европско и на глобално ниво. Да се зацврстат меѓународните институции, зашто само така ќе можат да обезбедат глобален одговор на здравствената криза, но и на нејзините економски и социјални последици. Сега е време, повеќе од кога било, да се надмине националниот егоизам во полза на ефективниот мултилатерализам.
Каква е вашата оцена како Македонија се справува со овие случувања и може ли да се направи некоја паралела на овие настани со Франција?
– Сакавме да покажеме, покрај нашите значајни вложувања во рамките на Европската Унија, која реагираше со значајни средства, сразмерно на тежината на состојбата во регионот, искажувајќи ја нашата солидарност. Од наша страна, ние одговоривме на ад хок барањата за итни потреби како што наведувате, за кои имавме одреден капацитет за брза реакција, во соработка со локалните партнери на амбасадата, како што е Клиниката за гинекологија и акушерство или Црвениот крст на Град Скопје. Секоја земја реагираше соодветно на своите ресурси и услови на кризата, која, за среќа, беше запрена на одредено ниво во регионот и сите се надеваме дека преземените мерки ќе овозможат да се избегнат големите човечки загуби што ја зафатија Франција, како и поголемиот број европски земји. Јас лично се восхитувам на посветеноста на македонскиот медицински персонал, со дел од кој имав можност да комуницирам: многу им должиме. Сите ние во Франција, како и тука, сфативме колку треба да инвестираме подобро и повеќе во нашите здравствени системи и нивниот персонал: ова ќе го земеме предвид во нашата политика за соработка. Јас веќе доставив предлози за оваа цел до моите претпоставени. Битката за здравјето мора да биде меѓународен приоритет, а тоа важи и овде.
Македонската јавност ве препознава како аналитичен познавач на политичките состојби во државата, во периодот пред пандемијата доста длабински ги согледавте состојбите во земјата, особено во делот што се однесуваше на патот на државата кон ЕУ, преку нејзиното подобрување на функционирањето на правната држава. Од оваа денешна перспектива, има ли некаква промена на ова поле?
– Нашата меѓународна борба против вирусот не смее да нè натера да заборавиме на фундаменталните вредности, како што е владеењето на правото, што го условува успехот на патот кон ЕУ. Самитот во Загреб потсети на овој приоритет. Новата методологија предложена од Франција доведе до напредок во оваа област и таа ќе биде основа и услов за понатамошно напредување кон членството. Додадена е клаузула за да бидеме сигурни дека напредокот ќе биде конечен, а не само привремен. Покрај тоа, искуството нè научи да правиме разлика помеѓу законодавната активност околу реформите и нивното спроведување во практиката. Тоа го бараат и народите што се засегнати: апсолутна правда, ослободена од политички притисок или корупција.
Што мислите, што недостига како исчекор во овие моменти во темпото за движење на Македонија на патот кон станување членка во Европската Унија?
– Постои реален елан, кој треба да се одржи преку техничка соработка и обезбедување човечки и финансиски ресурси за регионот. Франција ги повика земјите-членки да ги обединат договорените средства и преку отворена визија за членство, да не доаѓа до разочарувања. Во новиот контекст што го создаде епидемијата, каде што има толку многу предизвици што ги чекаат земјите-членки, Западен Балкан воопшто, како и вашата земја, која оствари јасен напредок, за да останат на врвот на агендата, ќе треба да ги удвојат напорите, со цел да ја покажат својата политичка волја за решавање на постојните проблеми во нивната област на дејствување. Ова претпоставува аргументиран пристап кон политиката и консензус околу европското однесување во поглед на демократскиот живот и ефективната борба против корупцијата и криминалот.
Најактуелна тема во политичките кругови во последно време се прашањата поврзани со одржувањето на предвремените избори во земјата. Како познавач на состојбите во државата, што мислите, кој би бил најдобар термин да се одржат тие?
– Датумот 12 април беше предмет на консензус меѓу лидерите на најголемите партии и беше сведоштво за демократската и европската зрелост на земјата. Тој датум не можеше да се задржи од причини што ни се познати. Треба да се постигне ист таков консензус за да се избегне празнина во законодавната моќ, што не е добро за демократијата. Нам ни е потребно за соговорник да имаме силна македонска демократија со легитимна власт, способна да спроведува реформи во контекст што е потежок од кога било досега. Какво и да биде решението, секако дека ќе биде неопходно да се земе предвид здравствениот ризик, вклучувајќи го и тој за меѓународните набљудувачи.