Години пред пандемијата на ковид-19, милијардерот се обиде да ги предупреди светските лидери за заканата од новите заразни болести. Малкумина слушаа
Пред пет години Бил Гејтс предупреди дека најголемиот потенцијален убиец со кој светот се соочил не е војната, туку пандемијата. Милијардерот потроши стотици милиони долари за наоѓање на побрзи начини за развој на вакцините и за создавање на системи за следење на заразните болести. Тој упати апел до светските лидери да создадат национални одбранбени механизми против новите заразни болести, пишува „Волстрит џурнал“.
– Би сакал да сторев повеќе за да привлечам внимание за опасноста. Се чувствувам страшно. Поентата на разговорите беше преземањето акција и минимизирање на штетата – кажа коосновачот на „Мајкрософт“ во интервју.
Во неговата „втора кариера“ како филантроп и копретседател на една од најбогатите фондации посветени на светското здравство и американската едукација, 64-годишниот Гејтс се стави во центарот на пандемијата која досега усмрти повеќе од 283 илјади луѓе и ја урна светската економија.
Фондацијата „Бил и Мелинда Гејтс плаќа за истражувачите кои работат на пронаоѓањето на лекови, а работи и со водечките луѓе на фармацевтската индустрија и со владите за да создаде милијарди дози на ветувачки вакцини, додека тие се тестирани за да бидат доставени колку што е можно побргу до регулаторите за нивно одобрување. Фондацијата овозможи добивање на простор во производствена фабрика, за производството на најефективните нови лекови да почне што побргу.
Неговата експонираност за време на пандемијата го направи Гејтс и цел на теориите на заговор и на групите што се против вакцининацијата. Експертите во јавното здравство и глобалниот развој исто така го критикуваа Гејтс и неговата фондација за нивната, на моменти, самопрогласена улога. Со богатството, фондацијата во одредени случаи одлучува кои болести имаат приоритет, како и за начинот на борба против нив, велат критичарите.
– Ги трошиме нашите пари и ги споделуваме нашите мислења. На крајот, не носиме одлуки. Тоа е се што правиме – вели Гејтс.
Фондацијата на Гејтс досега се обврза на давање на 305 милиони долари за истражувањето на вакцините и лековите против ковид-19, како и за помошта за снабдување со лекови и намирници за посиромашните држави, со што милијардерот посочи оти „ќе потроши многу повеќе“ пред пандемијата да заврши. Бил Гејтс и неговата сопруга ја основаа нивната фондација во 2000 година со цел за пронаоѓање на биомедицински иновации против заразните болести, како и начини за нивно користење.