Кошаркарските способности на Кајри Ирвинг се засенети од неговото негирање на вакцините, откако ѕвездата на Бруклин нетс почна да ги пропушта претсезонските мечеви на домашен терен поради одбивањето да се имунизира против ковид-19.
Ирвинг одбива да ги испочитува прописите на Њујорк според кои е потребен доказ за вакцинација за присуство на спортски настани во затворен простор. Токму затоа, тој нема пристап ниту до тренинзите на тимот кој е меѓу главните фаворити за шампионскиот трофеј во претстојната сезона од најсилната светска кошаркарска лига. Извонредниот плејмејкер се најде на листата на повредени за првиот претсезонски меч на нетс, одигран во петокот.
Неколкумина НБА-кошаркари јавно зборуваа против задолжителната вакцинација, станувајќи неочекувани херои на антиваксерите и нивните залагања за лична слобода. Најдобриот кошаркар на Вашингтон визардс, Бредли Бил, јавно ја доведе во прашање ефикасноста на вакцината, додека членот на Денвер нагетс, Мајкл Портер Помладиот, истакна дека чувствува нелагодност за да прими вакцина, поради како што посочи, „можноста за лоша реакција“.
– Оваа заедница активно ги трансформира спортистите во „паразитити-домаќини“ за дезинформации кои излегуваат во мејнстримот. Наспроти напорите на социјалните мрежи да ги ограничат т.н. „суперширители на дезинформации“, кралевите на ковид-заговорите можат да најдат поборници за нивната кауза во НБА играчите – пишува магазинот „Ролинг стоун“.
Во одбрана на Ирвинг застана и познатиот активист против вакцинацијата, Роберт Кенеди Помладиот.
– Повеќето луѓе го велат истото што и тој, но не им е дозволено да зборуват – кажа Кенеди, кој во претходен разговор за „Ролинг стоун“ истакна и дека противниците на вакцинацијата „би биле избркани од Фејсбук и од Инстаграм, односно би биле замолчани, озлогласени и маргинализирани“.
Њујорк каде што играат НБА-клубовите Њујорк никс и Бруклин нетс, како и Сан Франциско каде што настапуваат Голден стејт вориорс, воведоа задолжителна вакцинација за присуство на спортските настани во затворено. НБА-лигата не може да ги принуди кошаркарите да се вакцинираат, но соопшти дека сите играчи кои нема да се придржуваат до локалните прописи за вакцинација ќе останат без финансиски надомест за пропуштените мечеви. Ирвинг се соочува со загуба од 400 илјади долари со секој неодигран натпревар на домашен паркет што ќе го пропушти во престојната натпреварувачка сезона, доколку не се вакцинира. НБА-лигата соопшти дека над 90 отсто од кошаркарите се вакцинирани, додека се очекува конкретна разврска за прописите поврзани со имунизацијата.