Популарниот ски-центар, селото Ишгл во Австрија, се смета за „бел зимски сон“. Но ова место се претвори во кошмар за неговите посетители по избивањето на заразата на коронавирус, пишува „Политико“.
Ишгл привлекува милиони туристи секоја зима, со што се покажа како совршен инкубатор за коронавирусот. Австриските власти веруваат дека бројни посетители од Европа, носејќи ја заразата заминале од селото познато како „алпската Ибица“ кон крајот февруари. Штетата веќе била направена, додека надлежните не осознале за ширењето на коронавирусот.
Здравствените власти низ Скандинавија дојдоа до сознание оти стотици случаи на заразени во нивните држави потекнуваат од Ишгл. Норвешка соопшти дека безмалку 40 отсто од нејзините 1.400 заразени дошле од Австрија. Властите веруваат дека стотици дополнителни случаи од Австрија и Германија се директно поврзани со Ишгл.
И покрај предупредувањата од странство за проблемите во Ишгл, тиролските власти одбија да преземат поцврсти мерки, стравувајќи од негативното влијание на локалните бизниси. Економијата на регионот зависи од туризмот, па Виена не интервенираше.
– Алчноста ја надвладеа одговорноста за здравје на заедницата и на гостите – напиша австрискиот весник „Дер Стандард“.
Првиот знак за сериозна неволја се појави на 1 март кога властите во Исланд открија дека 15 патници на летот на „Исланд ер“ што допатувале од Минхен биле позитивни на коронавирусот. Четиринаесет од нив заболеле додека биле во Ишгл. Исланд ја предупреди Австрија, но австриските надлежни служби се оглушија на предупредувањата. Виена ја игнорираше и одлуката на Исланд да издаде предупредување за патување во Тирол.
Вирусот се ширеше, принудувајќи ја австриската влада на 13 март да го стави целото подрачје околу Ишгл во карантин. Во следните неколку денови слични информации за заболени меѓу туристите од Ишгл пристигнуваа од Данска, Норвешка, Шведска и од Германија.
Австриските власти, сепак, инсистираа дека сториле се за да го сопрат вирусот кога станале свесни за размерот на избивање на заразата. Околу една четвртина од 1.648-те досегашни случаи во Австрија се од Тирол, каде што живее 10 отсто од популацијата.