Надежта дека топлото време ќе го намали ширењето на пандемијата на ковид-19 полека исчезнува. Експерти од Лондон посочија дека пандемијата досега се прошири во сите региони и сите климатски зони на Земјата, од суви и топли до ладни подрачја, пренесува Би-би-си. А повеќемина членови на Националната академија на науките на САД испратија писмо до Белата куќа во кое пишува дека ковид-19 најверојатно нема магично да исчезне налето, спротивно на тврдењата и ставовите на претседателот Доналд Трамп.
Претходно, имаше спротивставени мислења. Едни докази покажуваа дека вирусот е помалку застапен во земји со повисока температура, додека други сугерираа дека вирусот се шири бавно и на ниска температура. Се покажа дека епидемијата се задржува и во суви и ладни области.
Дури и споредбите на случаите меѓу топлите земји даваат различни бројки. Во Малезија и во Демократската Република Конго, кои се блиску до екваторот, има повеќе случаи во споредба со Нов Зеланд и Австралија, каде што летото се ближи кон крајот. Но, фактори во нивниот случај се и густината на населеноста и спортските настани.
Според истражувачите од Лондон, постојат докази дека коронавирусите циркулираат во зимските месеци, но тешко е да се потврди дека ќе биде ист случајот со ковид-19.
Голем процент од 2.000 лица кои го прележале вирусот покажува дека мнозинството од нив заболеле во зима, за време на сезоната за грип, додека бројот на заболени во лето е значително помал. Пради големата распространетост на вирусот, ваквите податоци не се причина за радување.
– Останува да видиме како ќе се однесува вирусот кога температурите и влажноста на воздухот ќе се сменат во летото – вели доктор Мајкл Хед од Универзитетот во Саутемптон.