Бројот на затвореници во Њујорк, САД, падна под 4.000 минатата недела, првпат во 70 години, среде пандемијата на коронавирус, изјави градоначалникот Бил де Бласио.
Градот работеше на намалување на луѓето во затворите од средината на март како резултат на загриженоста за ширење на вирусот во установите фокусирајќи се на најранливите групи и на ситните престапници.
Оттогаш, повеќе од 2.000 затвореници се ослободени, а речиси 600 лица се затворени, во споредба со 3.300 во истиот период минатата година. Де Бласио рече дека имало повеќе од 11.000 луѓе во градските затвори во 2014 година.
Градоначалникот исто така рече дека градот создава свои стратешки резерви на медицинска опрема и материјали вклучувајќи хируршки ракавици, додатоци за тестирање и респиратори, бидејќи сојузната влада не може да обезбеди доволно заштитни средства.
– Ова е многу сериозно, тешко време кога треба да седнам пред вас и да кажам дека Њујорк има потреба од свои стратешки резерви затоа што во моментот не можеме да зависиме од сојузната влада – рече тој на брифинг за новинарите.
По откажувањето на големите настани закажани за јуни, Де Бласио рече дека првото нешто што Градот би го организирал при укинување на карантинот ќе биде најголемата и најдобра парада во чест на здравствените работници и другите што се во првите редови на борбата против коронавирусот.
Градот Њујорк е жариште на пандемијата на коронавирусот во САД со повеќе од 134.800 случаи. Најмалку 14.400 луѓе починале, покажуваат податоците.