„Спутник“ со интересен ракурс во врска со глобализацијата во светлина на корона-пандемијата
Сѐ поголемиот број ограничувања во движењето што ги воведуваат земјите поради коронавирусот нанесуваат сериозен удар врз локалната и светската економија, но и врз самата идеја за глобализација
Во напливот на информации и анализи за тоа какви ефекти на државите и општеството предизвикуваат последиците од пандемијата на коронавирусот, интересни ставови може да се прочитаат за судирот на концептот на глобализацијата со пандемијата, односно забавување, па дури и постоење на елементи за запирање на промените што ги донесе процесот на глобализација како резултат на неговото влијание за драматична зголемена поврзаност на светот (глобално село), од една страна, како и сега доживеаниот удар на глобализацијата од страна на ковид-19.
Ковид-19 ги запира глобалните трендови, настани, мрежи…
Одлуката на Доналд Трамп за забрана на влез во САД за лицата што ја посетиле шенген-зоната во период од 14 дена пред влез во државата веќе е стапена во сила. Засега ограничувањето ќе трае 30 дена, а воведено е стриктно поради пандемијата на коронавирус прогласена од страна на СЗО.
Овој потег на американскиот претседател беше непријатно изненадување за Европа, бидејќи одлуката беше донесена „без никаква најава и координација“. Меѓутоа, ваквите акции се целосно во согласност со мерките преземени од многу други држави. Така, во Израел, сите што пристигнуваат од странство ги праќаат во задолжителен двонеделен домашен карантин. Властите не дозволуваат сместување по хотели.
Стапи во сила и одлуката за ограничување на воздушниот сообраќај помеѓу Русија и четири европски држави – Италија, Германија, Франција и Шпанија. Москва воведе забрана за издавање визи на италијански граѓани, освен оние работните и некои за итни намени.
Меѓу земјите што го заострија својот визен режим се Индија, Тајланд и Шри Ланка, но сигурно е дека овој список ќе биде проширен.
Украина се наоѓа во многу сложена ситуација. Блокадите во поголемиот дел од европската економија, особено во областите туризам и трговија, доведоа до тоа без работа да останат илјадници украински мигранти, од кои многумина се во Италија. Голем број Украинци се враќаат дома, создавајќи закана од ширење на вирусот во земјата.
Меѓународните состаноци и настани, вклучувајќи ги и оние на највисоко ниво, масовно се откажуваат. Пример за тоа е министерската конференција на Светската трговска организација, која требаше да се одржи во Казахстан. Канада одби да биде домаќин на Светското првенство во уметничко лизгање, а САД го откажаа гостопримството за учесниците на Светскиот скијачки куп.
Дури и судбината на Летните олимписки игри во Токио доби поинаков тек. Иако долго време МОК и јапонските власти одбиваа да ги одложат олимписките игри, сепак по откажаното присуство на Канада и Австралија на нивните спортисти, но и на други најавени откажувања, падна одлука за одложување и на ЛОИ за следната 2021 година.
Глобализацијата во лер
Сите експерти се едногласни, моменталните процеси претставуваат сериозен удар врз националните економии и глобализираниот свет.
Меѓутоа, тука не станува збор само за економски проблеми. На свој начин, уште поважен е човечкиот аспект на глобализацијата, кој доживува кардинална трансформација пред нашите очи – тој умира. Идејата за постоење на отворен свет, во кој секој може слободно да си го избере местото на кое сака да се наоѓа (привремено или трајно) стана фетиш на современата цивилизација и една од нејзините главни вредности, која досега доста успешно се реализираше.
Идејата дека секој од нас има право да живее, работи или да се одмора каде и да посака во светот, се прошири речиси низ целата планета. Во таа смисла, нема суштинска разлика помеѓу бегалците што во моментов ги „освојуваат“ границите на ЕУ и елитата што редовно го одржува форумот во Давос; или, пак, помеѓу претставник на средната руска класа што отпатувал на одмор во Италија и работник-мигрант од западна Украина, кој го служи во некој од римските хотели.
За жал, ваквиот светоглед и навиките што се формираа, според „Спутник“, престануваат да постојат. Пропаѓаат работните, годишните и животните планови, луѓето трпат големи финансиски штети и подлежат на државни санкции (почнувајќи од карантин, па до евакуација). Притоа, сево ова се случува во различни држави, независно од тоа на кое место се рангирани според степенот на нивната демократија и слобода. Згора на сѐ, анализира „Спутник“, индикаторот дека токму САД се наоѓаат на чело на светското движење „седете дома, консумирајте храна од домашно производство“, е во директен и остар антагонизам со идејата за глобализацијата. Засега пандемијата ја добива битката против глобализацијата. А дали ова е нешто краткорочно и по вонредната ситуација со пандемијата (и извојуваната победа во војната против ковид-19) сѐ ќе се врати на свое место, односно дали глобализацијата ќе подзапре, ќе покаже времето.