Главна причина е создавањето на експертиза. Виетнамското искуство со САРС му овозможи да не регистрира смртен случај од ковид-19
Зошто лековите мора да се тестираат во земјите во развој
Автор: Дејвид Пилинг
Фајненшел тајмс
Постојат горливи морални прашања за тестирањето на лековите во секој крај од светот. Можеби лекот кој се тестира има мали, но сериозни несакани ефекти, кои се јавуваат само во масовни тестирања. Можеби лекот функционира одлично, а оние што го примиле плацебо-лекот непотребно страдаат.
Исто така постои и елементот на „бркање торнада“, односно одите секаде каде што е присутна болеста. Ова особено важи за вакцините, бидејќи научниците не можат да ја докажат ефикасноста во средина каде што болеста не е присутна. Ова е една причина поради која вакцината против коронавирус на универзитетот „Оксфорд“ во соработка со „Астра зенека“ се тестира во Бразил, Јужна Африка и во Велика Британија.
Без оглед какви етички прашања постојат во богатите држави, тие се уште поизразени во сиромашните земји каде што луѓето можеби не ги знаат во целост нивните права, каде што регулаторните власти можеби послабо функционираат и каде што често пати има историја на експлоатација и на расизам. Сепак, без разлика на ваквите грижи, сиромашните држави треба да спроведуваат повеќе клинички тестирања, а не помалку.
Фактот е што само еден мал дел од светското испитување на лекови се случува во земјите во развој. Според една статија објавена во списанието „Нејчр“, од 2.000 клинички тестирања регистрирани за ковид-19, над 90 отсто се во богатите земји, а Кина и Индија спаѓаат во остатокот. Сиромашните држави во Африка, Азија и Латинска Америка едвај имаат удел во испитувањата.
Зошто треба да биде важно каде се одвиваат тестирањата? Од гледна точка на посиромашните земји, можеби е подобро лековите, како и вакцината против ковид-19, да се тестираат во богатите држави пред да бидат испратени на друго место.
Ова е погрешен пристап од неколку причини. Прво, важно е да се тестираат лековите кај специфично население. Одговорот на истиот третман варира според повеќе фактори, меѓу кои и генетскиот. Ротавирусната вакцина против дијареа се покажа дека е ефикасна 90 отсто на Западот, 70 отсто во Јужна Африка, а само 40отсто во Малави, според Шабир Махди, професор по вакцинологија на универзитетот во Витватерсранд, кој во Јужна Африка го предводи тестирањето за вакцина против ковид-19.
На здравствените власти им е потребен пристап до податоци за населението. Покрај тоа ако лековите се тестираат во богатите држави, може да бидат потребни повеќе години да бидат испратени во сиромашните. Некои вакцини кои се од клучно значење за спас на човечките животи, во светот во развој пристигнаа по две децении.
Спроведувањето на клиничките тестирања исто така води до медицинска експертиза. Клиничките тестирања се сложени, вклучуваат строги протоколи, детално прибирање на податоци и медицинска грижа од висок стандард. Кога станува збор за болестите како маларија, туберкулоза и ХИВ, многу африкански држави изградија капацитети со врвен квалитет, како и мрежи за изведување на клинички тестирања. Во Демократската Република Конго, Жан-Жак Мујембе, кој е микробиолог и експерт по ебола, учествуваше во надгледувањата на клиничките тестирања кои придонесоа во одобрувањето на вакцината против ебола и откривањето на лекот.
Мрежата на експерти воведена за борба против еболата, како и маларија, ХИВ и туберкулоза, помогна во објаснувањето на брзиот и ефикасен одговор на многу африкански влади во однос на ковид-19. Искуството на Виетнам со САРС ги постави темелите за формирање на импресивна стратегија против коронавирусот и досега таму не е регистриран ниту еден смртен случај.
Постојат разбирливи сомнежи дека тестирањето во земјите во развој значи експлоатација на сиромашните за профит на фармацевтските компании. Токму затоа клиничките тестирања никогаш не треба да се извршуваат во држави каде што лековите, ако се одобрени, не се недостапни по ниски цени. Ако вакцината против ковид-19 се тестира во Јужна Африка и се докаже дека е безбедна и ефикасна, тогаш Јужноафриканците треба да бидат првите кои ќе имаат корист од неа.
Покрај тоа, регулаторните власти мора да бидат доволно подготвени за да се погрижат клиничките тестирања да се спроведуваат според истите етички стандарди како во богатите земји. Тоа наложува токму создавање на медицинска експертиза која ќе се погрижи од науката подеднакво да имаат корист сиромашните како и богатите.
Превод: Билјана Здравковска