Крадци во Мексико се преправаат во лекари за полесно да им приоѓаат на постарите сограѓани и да им ги одземаат вредните работи.
Тие доаѓале со комбе облечени како медицински работници во Мексиканскиот институт за социјално осигурување и им приоѓале на постарите граѓани, започнувајќи разговор со нив за санитарните мерки и ситуацијата поврзана со ковид-19, пренесуваат мексиканските медиуми.
Но, наместо средства за дезинфекција, крадците им ставале на луѓето некој вид масло кое им ги замастувало рацете и го олеснувало крадењето прстени и друг накит.
Институтот добил извештај за такви случаи на кражби и ги предупреди граѓаните на опасноста.
Последната кражба се случила во петокот кога на 85-годишна жена, која седела пред влезот на зградата и` пришол човек кој изгледал како лекар. Мажот започнал разговор за да на крајот кога таа се опуштила, и` понудил лажно средство за дезинфекција, и` ги намачкал рацете и и` земал златна алка и друг накит, кој го носела од 1950 година, пренесе „Мексико њуз дејли“.
Мексико моментално минува низ најтешката ситуација од избивање на коронавирусот, од четвртокот бројот на позитивни дневно надминува и 2.000, сега веќе и 2.500. Вкупниот број на потврдени случаи е поголем од 47.000, а на починати над 5.000.
Мртовечниците во Мексико Сити, како што пренесуваат медиумите, се преполни со тела во црни вреќи. Кремирањата доцнат бидејќи крематориумите се пренатрупани.