Авторка: Кашмира Гандер

Њузвик

Франција им забрани да докторите да го препишуваат хидроксихлорикинот за пациенти со ковид-19 поради стравот дека не е безбеден. Одлуката е уште една пресвртница во патешествието на обичниот лек против маларија, како контроверзен и можен лек за болеста што ја предизвикува новиот коронавирус. Во средата, француското министерство за здравство го повлече декретот кој им овозможи на докторите да им го даваат овој лек на пациентите со ковид-19, како што се вели во соопштението за медиуми. Откако лекот првично влеваше надеж против болеста, кон крајот на март француската влада ја одобри неговата употреба за хоспитализираните пациенти со потежок облик на болеста додека се под силен медицински надзор. Но во изминатите неколку недели, истражувањата фрлија сенка врз тоа дали навистина лекот е ефикасен против ковид-19 и покажаа дека може да му наштети на срцето, особено кога се користи заедно со антибиотикот азитромицин, се вели во соопштението.

Сегашниот консензус меѓу експертите е дека хидроксихлорикинот не треба да се користи за ковид-19 „без разлика на степенот на инфекцијата“, како што изјавија од министерството за здравство и додадоа дека ставот може да се промени ако се појават нови докази.

Франција е првата држава која ја повлече одлуката за употреба на хидроксилорикинот за пациенти со ковид-19 откако Светската здравствена организација (СЗО) го суспендираше тестирањето на лекот како можен третман во понеделникот. Агенцијата на ООН слично покажа загриженост за безбедноста и ефикасноста на лекот и се повика на студијата објавена во медицинското списание „Лансет“ минатиот петок.

Од 96.032 испитани во тестирањето, оние кои го примиле хидроксихлорикинот и нему сличниот хлорокин, во комбинација со или без азитромицин и други слични антибиотици, имале помалку шанси да преживеат и биле изложени на поголем ризик од срцеви проблеми. Откако беше објавен трудот во „Лансет“ и по одлуката на СЗО, австралиското тестирање за ковид-19 со хидроксихлорикин ја прегледа неговата употреба во вторникот, како што соопшти портпаролот за австралискиот „Гардијан“.

Студијата во „Лансет“ беше објавена истата недела кога американскиот претседател Доналд Трамп, кој настојуваше да се употребува овој лек во третманот против ковид-19, соопшти дека го земал превентивно и покрај недостигот на докази што ја поткрепуваат неговата употреба. Оттогаш тој изјави дека повеќе не го употребува лекот. Експерти изјавија за „Њузвик“ дека поради очајот во невидената пандемија во поново време и влијанието на познатите, хидроксихлорикинот погрешно се смета за можен лек против ковид-19.

Преувеличени слаби резултати

Бидејќи хидроксихлорикинот се користи во лекувањето на автоимуни болести како ревматски артритис и лупус, научниците се надеваа дека неговото влијание врз имунолошкиот систем ќе им помогне на заболените од ковид-19. Ендру Престон, кој ја истражува микробиолошката патогенеза на универзитетот во Бат, Велика Британија, изјави за „Њузвик“ дека постојат повеќе истражувања на вируси во лаборатории кои покажуваат дека хидроксихлорикинот може да дејствува против вирусите меѓу кои САРС и коронавирусот што го предизвикува ковид-19.

Сепак, истражувањето на научниците во Марсеј, Франција, „вистински ја разгоре дебатата“ за хидроксихлорикинот како лек против ковид-19, смета Престон. Тимот тврдеше дека лекот им помага на пациентите да се излекуваат од вирусот, а добрите резултати се должеле на заедничката употреба со азитромицинот.

Откритијата прво беа споделени во претпечатена верзија на 16 март, што значи дека не биле рецензирани. Голема фама се крена околу лекот само за неколку дена. Откритијата беа објавени во Меѓународното списание за антимикробни агенси на 20 март, но издавачот потоа објави соопштение дека трудот не ги исполнувал „очекуваните стандарди“. Истражувањето откри дека постојат повеќе недостатоци затоа што се отстапувало од златниот стандард на клинички тестирања, затоа што не биле објективни или случајни.

Се чинеше дека лекот беше зрак на надеж во пандемијата, иако немаше силни докази за да се поддржи неговата употреба. На крајот на март, американската Агенција за храна и лекови (ФДА) даде дозвола за употреба на двата антималарични лекови како експериментален третман на пациенти со ковид-19, што доведе до недостиг за оние кои се лечат од артритис и лупус. По ова, во април уследи предупредување дека хидроксихлорикинот и хлорокинот не треба да се користат кај пациенти со ковид-19 надвор од болниците поради ризикот од „сериозни и можни животозагрозувачки проблеми по срцето“.

Стивен Еванс, професор по фармакоепидемиологија на Лондонската школа за хигиена и тропска медицина прецизно ја оцени состојбата дека „слабите резултати биле преувеличени“. Наводната безбедност на хидроксихлорикинот овозможила да се користи без официјална дозвола за болеста додека се подготвуваа клиничките тестирања, објаснува Престон.

– Многу доктори импровизирано го користеа хидроксихлорикинот и многу веруваа дека е безбеден за луѓето поради долгогодишната употреба. Така што се сметаше дека „може да даде добри резултати без да предизвика несакани ефекти – вели тој.

Како што покажаа тестирањата, хидроксихлорикинот го изгуби потенцијалот како можен лек против ковид-19. Други тестирања сакаат да ја докажат превентивната употреба на овој лек. Сепак, Еванс не е оптимистичен дека ќе дадат позитивни резултати.

– Не би го практикувал за превентивна употреба освен ако не е одобрен од СЗО – порача тој.