Властите на Нов Зеланд објавија воведување на ковид-сертификат како доказ за имунизација, што ќе биде потребно од следниот месец доколку граѓаните сакаат да присуствуваат на масовни собири и други настани со висок ризик, што е дел од новиот пристап во борбата против ширењето на делта-сојот на коронавирус.
Премиерката на Нов Зеланд, Џасинда Ардерн рече дека сертификатите ќе помогнат да спречат големите собири, како што се музичките фестивали, да се претворат во места со висок пренос на вируси.
– Ова сега е вообичаено во странство и има смисла – рече таа.
Ардерн, исто така, нагласи дека е малку веројатно дека сертификатите ќе се користат во места како што се здравствени установи и супермаркети.
Нов Зеланд е меѓу само неколкуте земји што минатата година го намалија бројот на заразени случаи од ковид-19 на нула и во голема мера оваа земја беше без вируси, се до појавата на многу заразниот делта-сој во средината на август.
Земјата сега се одлучи да ја интензивира вакцинацијата и тестирањето во борбата против пандемијата како мерка за запирање на ширењето на вирусот наместо строги карантини, а експертите предупредуваат дека променатата на пристапот ќе доведе до зголемување на бројот на новозаразени случаи.
Нов Зеланд денеска регистрираше 24 нови случаи на ковид-19, со што вкупниот број на инфекции во сегашната епидемија достигна 1.381, а околу 48 проценти од возрасната популација во моментов е целосно вакцинирана.
Оукленд, најголемиот град, кој беше во карантин речиси 50 дена, останува на високо ниво на предупредување, иако за неговите 1,7 милиони жители, од утре ќе следат олеснувања на одредени мерки.