Во потрагата по вакцина против вирусот ковид-19, кинеските научници открија нови ефективни и силни антитела, пренесува „Њујорк пост“.
Жанг Линки од универзитетот „Цинхуа“ објаснува дека неговиот тим изолирал неколку антитела што можат да го блокираат влегувањето на вирусот во човековите клетки.
Лековите произведени со овие антитела би можеле да бидат поефективни во третманот, за разлика од третманите кои вклучуваат плазма, што се ограничени според крвните групи.
– Во јануари почнавме да анализираме антитела земени од крвта на пациенти излечени од ковид-19. Притоа изолиравме 206 моноклонални антитела кои покажаа голема способност за врзување со протеините на вирусот – вели Жанг.
Потоа, тие направиле дополнителни тестови со цел да видат дали можат да го спречат навлегувањето на вирусот во клетките.
Меѓу првата група од 20 тестирани антитела, четири биле во можност да го блокираат вирусот, од кои две се екстремно добри во тоа. Сега тимот работи на комбинирање на антителата со цел да се ублажи мутирањето на вирусот.
– Важноста на антителата е докажана во светот на медицината веќе со децении. Тие помагаат во борбата против рак, автоимуните болести и заразните болести – изјави Жанг.
Сепак, Бен Каулинг, специјалист за инфективни болести во Хонгконг, повикува на претпазливост.
– Има голем број чекори кои мора да се следат пред антителата да бидат достапни како третман за заразените од коронавирусот. Возбудливо е да се откријат потенцијални третмани, а потоа тие да бидат тестирани. Со сѐ повеќе кандидати, на крајот ќе имаме подобар финален третман – вели Каулинг.