Фото: Игор Бансколиев

Американскиот магазин „Вашингтон тајмс“ информира дека најмалку 20 илјади американски војници се разместуваат по должината на Европа, што претставува најголем воен маневар во светот од завршувањето на Студената војна

Коронавирусот не може да ја запре воената машинерија на суперсилите, кои дури и за време на пандемијата тактички ќе разместуваат огромни бројки на војници по должината на европските граници, па, така, американскиот магазин „Вашингтон тајмс“, во своето последно издание, информира дека најмалку 20 илјади американски војници ќе се разместуваат по должината на Европа, што претставува најголем воен маневар во светот од завршувањето на Студената војна. Весникот додава дека оваа операција е најголемата во последните 25 години, а освен американски војници, на границите и на тактички места ќе се распределат и дополнителни 17 илјади војници од другите земји-сојузнички на НАТО, кои ќе увежбуваат хипотетичка руска инвазија на Стариот Континент.

Весникот вели дека сето тоа е во рамките на воената вежба „Дефендер 20“, која треба да се одржи во периодот меѓу април и јули, во делови од Германија и на територија на балтичките земји.
Телевизијата Евроњуз истакнува дека на овој начин со распоредување илјадници американски војници во ЕУ, Доналд Трамп му противречи на францускиот претседател Емануел Макрон, кој неодамна изјави дека НАТО е мртво.
Во меѓувреме, во периодот на пандемијата, воено активни не се само војските на НАТО.
Новинската агенција „Блумберг“ информира дека приближно истиот период кога сојузниците од Алијансата треба да ги спроведат воените вежби, руската армија спроведува воена вежба за справување со коронавирусот.

Димитри Пешков, портпаролот на Кремљ, во изјава за „Блумберг“ соопштил дека овие руски воени вежби по должината на границата со НАТО-државите очигледно се спроведуваат за да се тестираат капацитетите на руската армија и држава за превенција од заболувањето.
Во својот текст „Блумберг“, сепак, не изнесува детали за бројната состојба на руската воена вежба за справување со коронавирусот, но додава дека веднаш по оваа вежба, на деветти мај, за време на прославата на победата над фашизмот, Русија планира да спроведе воена парада и воена вежба, во која ќе учествуваат приближно 10 илјади руски војници.

Воено-политичките аналитичари со кои се консултиравме во своите сублимирани констатации велат дека иако пандемијата го парализира животот во светот, таа очигледно, барем временски, не успеа да ги забави геополитичките дејствувања во Европа на воените суперсили.
Воено-политичкиот аналитичар Милан Стефаноски вели дека нема потреба од страв дека овие воени вежби може да прераснат во потенцијален конфликт, бидејќи тие најверојатно се навремено најавени кај меѓународната заедница и од страна на НАТО-армиите и од страна на Русија.
Сепак, Стефаноски вели дека во овие примери очигледно нема етика во работата на војските, бидејќи со воените вежби се зголемува ризикот од заболување на војниците од вирусот. Аналитичарот додава дека во моментов сѐ уште говориме за планови за спроведување воени маневри, кои доколку се влошат состојбите со вирусот на светско ниво, може во секој момент да бидат прекинати.
Докторот по воено-политички науки Благоја Марковски вели дека од гледна точка на науката е интересно во овој момент да се запрашаме зошто суперсилите во услови кога сите треба да се грижиме за сопственото здравје продолжуваат со своите активности за спроведување на овие масовни армиски вежбовни активности и од двете страни на, условно кажано, конфликтот на новата студена војна.

Според Марковски, сега, кога целиот живот во светот е закочен и ставен во карантин, мотивот е нејасен зошто некој би сакал да спроведува масовни воени активности.
Марковски верува дека доколку навистина се одржат овие воени маневри, војниците се доведуваат во ризик да си го нарушат здравјето, а истото тоа да се случи и за граѓаните на земјите каде што ќе се одржуваат вежбите.Аналитичарот се надева дека лидерите на светските армии, сепак, ќе ги послушаат препораките на Светската здравствена организација и ќе ги откажат овие маневри.


Стотина припадници на АРМ во самоизолација

Генералштабот на АРМ информира дека се потврдени два случаи на припадници на армијата кај кои се покажани позитивни резултати на тестот на коронавирусот. Станува збор за подофицер и војник што извршуваат работни задачи во гарнизонот „Скопје“, од кои едниот припадник извршувал работни задачи во воениот ресторан во касарната „Илинден“ како помошен персонал.
– Веднаш по сознанието за случајот, во војничкиот ресторан е извршена целосна дезинфекција и преземени се сите потребни заштитни здравствени епидемиолошки мерки, а ресторанот ќе биде затворен наредните 24 часа, при што на персоналот ќе му биде делен сув оброк. На целокупниот персонал за кој се претпоставува дека бил во контакт со лицето му е одредена изолација и од утре ќе биде сменет со комплетно нов персонал – соопштуваат од Генералштабот на АРМ.

Од Генералштабот информираат дека ниту еден од двајцата до позитивниот тест не бил во странство и дека армијата во изминатиот период целосно ги почитува препораките од Министерството за здравство, при што одреден број припадници превентивно се повлечени во самоизолација и при самото сомневање за зараза од коронавирусот.
И од Министерството за одбрана уверуваат дека се преземаат сите потребни мерки за заштита од самиот почеток на опасноста од коронавирусот.
– Што се однесува до случајот на двајцата припадници на армијата што се позитивни на вирусот, а од кои едниот работел како помошен персонал во воениот ресторан во касарната „Илинден“, ресторанот е веднаш дезинфициран и затворен, а целиот персонал е испратен во самоизолација. Дваесет лица, кои на кој било начин биле во контакт со војникот, меѓу кои и персоналот од ресторанот, се во самоизолација, а во текот на денешниот ден персоналот ќе биде заменет со нов од кујната во касарната „Гоце Делчев“. Напоменуваме дека заболениот војник десетина дена превентивно не одел на работа. Вкупниот број припадници на армијата што се во превентивна самоизолација е околу сто. Припадниците на армијата што се на државните граници се опремени со заштитни маски и ракавици, редовно се дезинфицираат нивните возила и опрема и снабдени се со средства за лична дезинфекција. Коронавирусот е опасност за целото население, а во одбрана од неговото ширење целата армија е на нозе, подготвена да ги штити граѓаните – се вели во одговорот на МО.

[email protected]